Болничките капацитети низ државата забрзано се полнат со пациенти болни од ковид-19. Некои од одделенијата во здравствените установи повторно се пренаменуваат во ковид центри, за да може да се одговори на зголемената потреба од кревет повеќе.
Северна Македонија, според лекарите, го живее третиот бран на пандемијата. Само во Охридската болница, се хоспитализирани околу дваесет граѓани.
„Дефинитивно ова е трет бран. Доста имаме оптовареност на општата болница во Охрид. Дневно правиме и од 120-150 прегледи. Не верувам дека како болница сме имале удар како третиот бран. Во историјата не верувам дека болницата имала ваков ангажман како досега“, вели Горан Балевски, директор на општа болница во Охрид.
Но, за разлика од првиот и вториот бран, кога на удар најмногу беа повозрасните лица, сега тоа се помладите пациенти, кои заболуваат и завршуваат во болница.
„Најмладиот е на 28-годишна возраст, кој е хоспитализиран во нашата болница. Имаме многу пациенти на кислород, на неинвазивна вентилација. Ако има деведесет пациенти, 50-60 се на кислород. Сега имаме пациенти кои немале други коморбидитети, а кои навистина се во тешка клиничка слика и се доста помлади“, вели Балевски.
Ниту матичните лекари не се поштедени во оваа битка.
„Мислам дека е позаразен, значи многу побрзо се шири и за многу пократок период заболуваат нови и нови случаи. Имаме и цели семејства, каде на два-три дена ни се јавува нов ковид позитивен од иста фамилија“, вели Виолета Мицкоска, матична лекарка во Охрид.
Мицкоска е загрижена за сегашната ситуација и за сериозните компликации кои ги предизвикува вирусот.
„Повеќе од половина од позитивните се со бронхопневмонија. Се јавуваат проблеми и со црниот дроб. Го напаѓа црниот дроб со покачени ензими на црниот дроб и други компликации“, вели таа.
Во лекувањето на ковид позитивните, се трошат и рекордни количини на кислород.
„Дневната потрошувачка на кислород е по шеесет боци, четириесет литарски на 150 бари. Ако ви кажам дека пред пандемијата на годишно ниво, инфективно одделение не трошело ниту по една до две боци“, вели Балевски.
Лекарите велат дека искуствата со кои се здобиле на почетокот од пандемијата било драгоцено во сегашното справување со вирусот.
„Нашите интернисти и инфектолози, многу научија за оваа болест. Има голема и непознаница. Учиме нон-стоп. Следиме параметри, протоколи, менуваме протоколи. Користиме колку што можеме најсовремени методи, маски, неинванзивни вентилации“, вели Балевски.
Луѓето во бели мантили бараат поголема поддршка и од граѓаните во однос на почитувањето на мерките, ако сакаме побрзо да излеземе од оваа агонија.
„И каков и полициски час да има и колку и да трае, кога во тоа другото време не го направиме она што ни е препорчано, џабе ни е се`“, вели Мицкоска.
Третиот бран на ковид-19 затвори и училишта поради заразени наставници и ученици.
Facebook Forum