Линкови за пристапност

Загрижувачки е процентот на одбивање на вакцината против ковид-19 на Балканот, велат македонски лекари во странство


Верувајте во наука, не во шпекулации, порачуваат лекари за потребата од вакцинирање против ковид-19
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:52 0:00

Тие порачуваат граѓаните да веруваат во наука, а не во шпекулации

Лекарот Игор Балески, кој прележал тежок облик на ковид-19, вели дека вакцинирањето е единствен начин да се стави крај на пандемијата.

Балески, кој неколку години работи како кардиолог во Клиничкиот центар во Марибор, Словенија, порачува дека луѓето не треба да стравуваат од вакцинацијата, туку да ја прифатат.

„Апсолутно сум за вакцинација. Од еден до десет, прележав јака осмица, и сугурно дека ќе се вакцинирам. Докажано е дека со вакцината се достигнува висок процент од 95 проценти заштита. После првата доза во првите десет дена, 70 отсто од антителата растат, а одбранбените механизми се многу помоќни од вакцината, отколку самата болест што би ја добиле“, вели тој.

И Владимир Попоски, офталмолог во здравствениот конзорциум Мар и Каталонскиот Институт - За Ретина во Барселона, вели дека ковид-19 не е обичен грип, и оти граѓаните треба да и веруваат на науката, а не на чаршиските муабети. Вели дека иако вакцината не е задолжителна, секој треба добро да размисли зошто е важно да ја прими.

„Јас разговарам со моите пријатели и им давам еден пример дека ако сум дете сигурен сум дека мојот татко би ми рекол да ја примам вакцината, затоа што сум сигурен дека треба да веруваме во иднината. Сите ние имаме проекти и сакаме тие да се остварат. И ова е еден прв чекор кон таа послободна иднина, која треба да дојде после вакцинацијата на поголем дел од населението“, вели Попоски.

Тој, заедно со неговата сопруга Даниела, која, исто така, е лекарка во Шпанија, се вклучиле како волонтери во болниците каде што работат во пикот на пандемијата.

„Ова што го правевме ние тука, тоа што државите го правеа, сето тоа беше една пасивна импровизација, игра на среќа или верување во судбината, дека нема да не фати ковид или дека нема да не фати тешка форма на ковид. Сега почнува активната борба против вирусот. Сега кога ја примив вакцината воопшто не се чувствувам дека сум некој кој ја става главата во торба, туку дека сум дел од системот“, додаде тој.

Балканските држави имаат најнизок процент на прифаќање на вакцината, што за доктор Балески е загрижувачки.

„Србија и Хрватска 38 и 42 проценти, што е поразително. Македонија 50 отсто, што, исто така, е многу ниско. Не можам да замислам дека може луѓето да имаат толку негативно размислување за вакцините. Кај нас, со лажните вести и портали, секој може да пишува што сака. Препорачувам да се слушаат стручните мислења од нашите епидемиолози и имунолози“, вели Балески.

Попоски, пак, вели дека „кога Европската, Американската и Канадската агенција за лекови, и многу други ја прифатија единствената вакцина што ја имаме во моментот, таа на Фајзер, значи дека не треба да имаме сомнеж во тие структури, во нивната ригорозност, стручност и професионалност. Не сме ние тие кои треба да размислуваме дали правилна или не. Повеќе вакцини се во крајна фаза на развој. Не е само една единствена вакцина“.

Лекарите сметаат дека епидемијата полека ќе почне да се смирува од април или почетокот на летото. Северна Македонија засега нема добиено ниту една доза на вакцина. Но, Балески смета дека земјава веќе требаше да почне со вакцинацијата.

„Јас сега би сакал Македонија да е Израел. Да би биле два милиона сите вакцинирани. Но, нажалост не сме. Мислам дека активно треба да се вклучат сите наши релевантни и што побргу да се вакцинираат. Јас тврдам дека би можеле и меѓу први да се вакцинираме, но сега доцниме“, смета тој.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG