Минатата недела бил пикот на епидемијата на ковид-19 во земјава, според анализите на здравствените институции, а ситуацијата во последните денови се стабилизира.
Највисок процент на позитивни од тестирани или 41,2 проценти, бил регистриран на 17 ноември, кога се забележале и најголем број новозаразени, односно 1.407, по што бројката благо опаѓа. Сега задржува ниво меѓу 1.100 и 1.200 дневно.
Со тоа донекаде е намален огромниот притисок врз здравствениот систем, веќе нема голем број пациенти кои доаѓаат во многу краток период.
И покрај подобрувањето на трендовите, министерот за здравство Венко Филипче апелира до граѓаните да се почитуваат мерките за заштита.
„Од анализите може да се каже дека епидемијата го достигна пикот пред една недела. Од тогаш бројките се стабилизирани, се во едно ниво на едно плато, и тоа ни кажува дека Р0 факторот на преносливост е 1. Добро е што и случајот на активно заболени се стабилизира. Апелирам до граѓаните да разберат дека вирусот ќе опстане во оваа состојба, и се` уште е ризик. Мерките мора да се почитуваат, тие даваат резултати, го немаме тоа нагло зголемување“, рече Филипче.
Затоа, засега не се размислува за воведување полициски час или прогласување на карантин во некои места. Скопје, Битола, Куманово, Штип и Прилеп остануваат критични.
Филипче уверува дека има доволно болнички легла - повеќе од 600 во Скопје, плус 100 во приватните болници, и 1.000 во вантрешноста.
Опозицијата се сомнева дека Филипче ја кажува вистината.
„Венко Филипче лаже дека е поминат пикот, исто како што лажеше дека ќе има само 2.000 заразени, а само досега има 60.000 заразени и бројката се зголемува. Македонија изби на прво место во светот по смртноста“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според првиот човек во ресорот здравство, смртноста е голема и во регионот и во Европа.
„Смртноста е слична со Босна, со Бугарија, има многу смртни случаи во соседството. Смртноста се должи и на пациенти со многу хронични болести. Смртноста е во пораст секаде, имаме работа со многу непредвидлива болест“, додаде Филипче.
Од почетокот на месецов, од ковид-19 во земјава починале 648 граѓани, а последната недела дури 206.
Facebook Forum