Линкови за пристапност

Дискриминацијата на мигрантите поради Ковид е закана за јавното здравство и глобалната економија


Мигрантите често немаат пристап до здравствена заштита,а со економската рецесија драматично ќе опаднат дознаките што ги праќаат во матичните држави

Меѓународната организација за миграција предупредува дека зголемената дискриминација врз мигрантите, кои честопати се обвинети за ширење на коронавирусот, ги попречува напорите за решавање на пандемијата.

Пандемијата на коронавирусот сериозно ја погоди глобалната миграција. Меѓународната организација за миграција известува дека работните визи за мигрантите практично се запрени, а преселбата на бегалците и барателите на азил во трети земји е привремено прекината.

Во извештај на организацијата се посочува дека илјадници мигранти се заробени во Југоисточна Азија, Африка и Латинска Америка поради затворањето на границите и патните ограничувања. Се додава и дека многу мигранти кои сакаат да се вратат во земјите на потекло, поради пандемијата се блокирани и принудени да живеат во тешки услови со минимална грижа.

Во овој момент, ние сме соочени со страв, неподготвеност и отежнат пристап на мигрантите до здравствена заштита
Антонио Виторино, Генерален директор на ИОМ


Генералниот директор на Меѓународната организација за миграција, Антонио Виторино, вели дека на мигрантите во државите каде се наоѓаат често им е забранет пристап до здравствена заштита. Тој рече дека ова ги става во опасност да бидат заразени со вирусот и тоа го загрозува здравјето на луѓето.

„Во овој момент, ние сме соочени со страв, неподготвеност и отежнат пристап на мигрантите до здравствена заштита. Тоа не е само прашање на основните права ... тоа е, исто така, прашање на јавното здравство; да се гарантира дека пристапот на мигрантите до здравствена заштита е во интерес на целата заедница “.

Според организацијата, во светот има има 272 милиони меѓународни мигранти. Тие обезбедуваат важен извор на приходи за многу од најсиромашните држави во светот. Виторино вели дека пандемијата ќе има силно влијание врз глобалната економска рецесија што претстои, како и на закрепнувањето од последиците.

Тој рече дека економската рецесија ќе доведе до драматичен пад на дознаките што мигрантите ги праќаат назад во нивните држави на потекло.

„Светската банка предвидува пад на дознаките во Африка во тековната година за 30 проценти, што значи дека нема да бидат префрлени 20 милијарди американски долари за да се одржи егзистенцијата и домаќинствата на семејствата во државите на потекло“.

Во некои земји, Виторино вели дека дознаките од странство изнесуваат и до 15% од нивниот бруто-домашен производ. Тој рече дека мигрантите обезбедуваат основни услуги во државите каде се наоѓаат. На пример, тој вели дека мигрантите сочинуваат 40 проценти од здравствените работници во држави како Велика Британија, САД и Канада.

Нагласува дека мигрантите кои се сезонски работници се неопходни за собирање на земјоделски култури на една нација.

И покрај клучната улога што ја играат во националната економија, тој рече дека мигрантите обично немаат корист од мрежите на јавна безбедност на земјите во кои се населиле.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG