Со оглед на сè поголемиот број случаи на коронавирус, австралиската влада објави пакет од 1,4 милијарди американски долари за да се спротивстави на растечката стапка на невработеност која следеше како последица на кризата предизвикана од пандемијата.
Премиерот Скот Морисон најави дека владата ќе потроши повеќе од 1 милијарда американски долари за тековната програма за субвенционирање плати со што ќе бидат надоместени половина од сите плати за вработените во малите бизниси, додека со преостанатите 400 милиони американски долари ќе се финансираат нови курсеви за илјадници идни работници со цел да се подготват во областа на вештини кои ќе бидат барани во пост-пандемиската економија.
Пакетот за финансиска помош се воведува бидејќи официјалната стапка на невработеност во Австралија се искачи на 7,4%, или скоро 1 милион луѓе, што е највисока стапка во последните 22 години.
Австралија има скоро 11.000 потврдени случаи на КОВИД-19, според универзитетот Џон Хопкинс. Порастот на нови случаи е целосно лоциран во јужната држава Викторија, кој во четвртокот објави 317 нови случаи, што претставува најголем еднодневен пораст на инфекции. Втората најнаселена држава во Австралија ја затвори заедничката граница со соседниот Нов Јужен Велс, по ново избувнување на коронавирус во Мелбурн, главниот град на Викторија. Мелбурн е во раните фази на шестнеделен карантин во обид да го спречи ширењето на болеста.
Гувернерот на Токио, Јурико Коике, соопшти дека денеска во градот има регистрирано повеќе од 280 нови случаи на КОВИД-19 за 24-часовен период, што претставува најголем еднодневен број на инфекции за јапонската престолнина.
Коике им изјави на новинарите дека градот спровел 4.000 тестови за коронавирус, што е уште еден еднодневен рекорд.
Токио денеска регистрирано повеќе од 280 нови случаи на КОВИД-19, што претставува најголем еднодневен број на инфекции
Порастот на нови случаи на КОВИД-19 може да го натера премиерот Шинзо Абе да ја преиспита новата кампања насочена кон поттикнување на домашниот туризам за да ја надомести загубата порадаи намалениот број на странски посетители.
И Индија е близу до вкупно еден милион инфекции на коронавирус, при што Министерството за здравство во четвртокот потврди над 32.700 нови случаи за изминатите 24 часа, што е најголем еднодневен рекорд од почетокот на пандемијата. Во Индија сега има повеќе од 936,000 потврдени случаи и над 24.000 смртни случаи.
Најновите глобални бројки покажуваат 13,5 милиони потврдени случаи на КОВИД-19 и повеќе од 580.000 смртни случаи во светот.
Паралелно со тоа, државите кои се соочуваат со зголемен број на случаи повторно наметнуваат ограничувања или воведуваат нови.
Сите посетители во Грција мора на граница да покажат негативен резултат на тест за Ковид-19 не постар од 72 часа.
Романија ја продолжи вонредната состојба на национално ниво за уште 30 дена.
Израел предупреди дека повторно ќе наметне целосен карантин на национално ниво ако бројот на случаи на „коронавирус“ не започне да паѓа во наредните неколку дена.
Јужна Африка ја обнови забраната за продажба на алкохол, велејќи дека лекарите и болници немаат време и капацитет да се справат со случаи поврзани со прекумерна конзумација на алкохол. Во државата во средата имаше повеќе од 311.000 потврдени случаи - највисока стапка во Африка и осма највисока во светот, според Џон Хопкинс. Бројот на починати од коронавирус во Јужна Африка е 4.453 лица.
Кениските власти соопштија дека коронавирусот убил четворица здравствени работници, а 450 други се инфицирани во најголемата гинеколошка болница во земјата.
Бразилскиот претседател, кој со месеци го минимизираше ризикот од КОВИД-19 велејќи дека е ништо повеќе од „мал грип“, изјави во средата дека повторно е тестиран позитивно.
Тој првпат беше позитивно тестиран минатата недела.
Facebook Forum