Линкови за пристапност

Обединетите нации бараат глобален план за справување со пандемијата


Обединетите нации апелираа до меѓународната заедница со две милијарди долари да ѝм се помогне на 40 ранливи држави погодени од конфликти во текот на следните девет месеци во борбата против пандемијата на коронавирусот

Голем дел од светот е зафатен со пандемијата на KОВИД-19. Денеска Светската здравствена организација извести дека досега има речиси 376,000 случаи и повеќе од 16.000 смртни случаи во 195 држави.

Во извештајот се вели дека вирусот се шири низ Африка и дека првиот случај е пријавен во воено разорената Сирија.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш предупредува дека би било катастрофално доколку коронавирусот се рашири во овие ранливи места. Тој рече дека богатите земји во светот, кои се соочуваат со невидена закана, не можат да си дозволат да го игнорираат она што се случува во посиромашните земји.

Бидејќи ова е глобална пандемија, тој рече дека богатите држави треба да им помогнат на земјите во развој да ги одржат своите економии и да ги зајакнат здравствените системи.

„Најлошо нешто што може да се случи е да се задуши болеста во развиените држави, но да се дозволи да се рашири како оган во светот во развој. Тогаш ќе се пренесува милиони пати, милиони луѓе ќе умрат со ризик од мутација, што значи дека вирусот би можел да се врати на начин што дури и вакцините, кои се надевам дека наскоро ќе се развијат, не би можеле да запрат повторно“, рече Гутереш.

Најлошо нешто што може да се случи е да се задуши болеста во развиените држави, но да се дозволи да се рашири како оган во светот во развој.
Антонио Гутереш, Генерален секретар на ООН


Постарите лица се сметаат дека се најранливи на КОВИД-19. Но, има и заболени деца, некои починале, а многу други се негативно погодени на други начини од оваа болест. Извршната директорка на Фондот за деца на ООН, Хенриета Фор, децата ги нарекува скриени жртви на оваа пандемија.

Таа рече дека затворањата, вклучително и на училиштата, влијаат врз образованието на децата, менталното здравје и пристапот до основните здравствени услуги. Посочува дека децата се незаштитени и под ризик од експлоатација и злоупотреба.

„Исто така, во голема мера е присутно насилството, како сексуално, така и физичко, во домовите и во заедниците. И, како последица на тоа што родители се без работа, честопати може да има голем стрес дома, а децата можат да станат жртви “.

Спречувањето на влијанието на пандемијата во ранливите држави е од примарна важност. Сепак, ООН забележуваат дека тоа не смее да се направи на штета на потребите на повеќе од 100 милиони луѓе кои се потпираат на хуманитарна помош за да преживеат.

Обединетите нации предупредуваат дека секое пренасочување на средства од постојните хуманитарни операции може да предизвика болести како што се колера, сипаници и менингитис. Во извештајот се предупредува дека повеќе деца би можеле да станат неухранети, а екстремистите да ја преземат контролата врз кревките општества. А тоа пак би создало совршено место за ширење на вирусот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG