Земјите членки на групата Г-7 денес објавија дека ќе донираат милијарда дози на ковид вакцини на земјите со ниски и средни приходи. САД, како што претходно беше најавено, ќе донира 500 милиони вакцини, додека Велика Британија ќе донира 100 милиони.
„Се надевам дека моите колеги, лидерите на групата Г-7 ќе дадат слични ветувања, така што, заедно, ќе можеме да го вакцинираме светот до крајот на следната година“, објави британскиот премиер Борис Џонсон на Твитер.
Извештајот на Центрите за контрола и превенција на болести во САД објавен во четвртокот, откри дека помеѓу март и мај 2020-та година, епидемијата на ковид-19 резултираше со значително опаѓање на рутинските вакцинации за деца во споредба со истиот период во 2018-та и 2019-та година.
Во студијата стои дека опаѓањето на вакцинација може да влијае кај „децата во САД и адолесцентите изложени на ризик од болести што можат да се спречат со вакцини“, како што се сипаници и детска парализа.
Центрите за контрола и превенција на болести во САД им препорача на давателите на здравствени услуги „да го проценат статусот на вакцинација кај сите педијатриски пациенти, вклучително и адолесцентите и да контактираат со оние што не го направиле тоа, да се осигурат дека сите деца и адолесценти се целосно вакцинирани“ за да се избегнат епидемии на болести во иднина.
Ресурсниот центар за коронавируси Џонс Хопкинс во петокот соопшти дека бројот на глобални инфекции со ковид достигна скоро 175 милиони. САД остануваат како земја со најмногу случаи со 33,4 милиони, додека во Индија се регистрирани рекордни 29 милиони инфекции.
Facebook Forum