Претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард, изјави дека епидемијата на КОВИД-19 предизвикува невиден економски пад во Европа, и најави целосна поддршка за време на кризата.
Во разговор со новинарите преку видео од седиштето на Банката во Франкфурт, Лагард рече дека се очекува бруто-домашниот производ во еврозоната да падне меѓу пет и 12 проценти годинава, во зависност од тоа колку долго ќе останат во сила мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.
Лагард нагласи дека Европската централна банка ќе користи стимулативни мерки за поддршка на економијата, со план да ја зголеми помошта ако е потребно, потенцирајќи дека ваквата ситуација може да трае и после 2020 година.
Европската централна банка, исто така, ги одржува ниски каматните стапки, повикувајќи ги банките да продолжат со давање заеми на бизнисите и клиентите за време на кризата со КОВИД-19.
Facebook Forum