Линкови за пристапност

СЗО со препорака: Несуштинската стоматолошка нега да се одложи за време на пандемијата


Светската здравствена организација препорача нови мерки за здравствените работници и пациентите во стоматолошките ординации за да се намали ризикот од Ковид-19

Сите знаат дека забоболката не е пријатна, а кога е неподнослива луѓето мораат да одат кај стоматолог. Но, истражувањето на Светската здравствена организација спроведено во 103 земји во периодот од мај до средината на јули открива дека Ковид-19 влијае на стоматолошките услуги ширум светот.

Во заедниците каде преносот на коронавирусот е голем, СЗО препорачува да се даде приоритет на итни или вонредни стоматолошки случаи


Беноит Ворен од Одделот за незаразни болести на Светската здравствена организација вели дека 75% од испитаниците изјавиле дека стоматолошките услуги биле целосно или делумно нарушени поради коронавирусот.

Тој вели дека високиот степен на нарушување е поврзан со природата на работата на персоналот кој дава услуги на орална здравствена заштита.

„Како што знаете, стоматолозите, стоматолошките медицински сестри, хигиеничарите и стоматолошките асистенти работат во близок контакт со пациентите и се изложени на плунка и крв, и додека ја користат стоматолошката опрема генерираат и честички во воздухот или аеросоли“, вели тој.

Во заедниците каде преносот на коронавирусот е голем, Ворен вели дека СЗО препорачува да се даде приоритет на итни или вонредни случаи каде се потребни орални здравствени услуги. Исто така, во третманот на пациентите, тој рече дека стоматолошките работници треба да избегнуваат или да ги минимизираат процедурите што можат да генерираат аеросоли, кои пак можат да ја шират инфекцијата. Наместо тоа, приоритет треба да има употребата на рачни инструменти.

„И, се разбира, да се одложи рутинска, несуштинска нега од областа на оралната здравствена заштита. Ова се однесува на одењето на преглед, чистењето на забите, превентивната нега и секако естетските стоматолошки интервенции.“

Другите препораки на СЗО вклучуваат далечински скрининг, одржување на физичко растојание и носење маски пред и меѓу стоматолошките сесии за да се спречи и намали ризикот од пренесување на вирусот.

Ворен рече дека еден од најгорливите проблеми е да се осигури дека сите стоматолошки работници имаат опрема за лична заштита. Ова е од суштинско значење, вели тој, за да се заштитат од зараза со Ковид-19, но и да спречат пренесување на вирусот на нивните пациенти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG