Линкови за пристапност

10.000 деца месечно умираат поради глад како последица на пандемијата, објави Асошиетед прес


Анализите покажуваат дека околу 128.000 деца ќе починат во првите 12 месеци од почеток на пандемијата

Пандемијата на коронавирус и рестрикциите да се спречи неговото ширење, ги доведоа до раб и онака гладните заедници, како децата во Буркина Фасо, објави Асошиетед прес.

Едно на секои пет деца во Буркина Фасо е хронично гладно, додека цените на храната се зголемија изминатиов период. Од 20 милиони жители, пак, 12 милиони немаат доволно храна.

Долгото чекање на сезоната на жетва го прави гладот посуров од кога било претходно, особено одразувајќи се врз децата.

Бидејќи пазарите се затворени, семејствата како на Дансанин Ланизоу, чие бебе за еден месец изгубило половина од телесната тежина, продаваат се` помалку зеленчук.

Рестриктивните мерки ги отцепија фармите од пазарите, а селата се изолирани, без пристап до храна и медицинска помош.

Според извештајот на Асошиетед прес, кој се повикува на итен повик за делување од Обединетите нации, гладта, како последица на вирусот, е причина за смрт на 10.000 деца месечно за време на пандемијата.

Дополнително, повеќе од 550,000 деца, секој месец, се соочуваат со исцрпување, кое се манифестира со екстремно слаби екстремитети и проширен стомак.

Тоа може да доведе до трајно оштетување на физичкото и ментално здравје на децата, и трансформација на индивудуалните трагедии во генерациска катастрофа.

„Недостигот на храна како последица на коронакризата, ќе се рефлектира многу години отсега“, вели Светската здравствена организација за Асошиетед прес.

Повеќе семејства, од Латинска Америка до Јужна Азија и Суптропска Африка, ги очекува иднина со недостиг на храна.

Анализите покажуваат дека околу 128.000 деца ќе починат во рок на првите 12 месеци од почетокот на пандемијата.

Лидерите на Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, и Агенциите за храна и земјоделство на Обединетите нации, повикаа на помош од најмалку 2,4 милијарди долари за адресирање на проблемот со глад, како и на олеснување на рестрикциите за движење, со цел семејствата да можат да обезбедат храна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG