Линкови за пристапност

Уставниот суд го спречи прислушувањето без судски налог


Уставниот суд го спречи прислушувањето без судски налог
Уставниот суд го спречи прислушувањето без судски налог

Уставниот суд поништи пет одредби од оспоруваниот Закон за електронски комуникации, кои му овозможуваа на Министерството за внатрешни работи да ги прислушува граѓаните и без судска дозвола

Прислушувањето во Македонија ќе се врши само со судски налог, реши Уставниот суд кој денес поништи пет одредби од оспоруваниот Закон за електронски комуникации, кои му овозможуваа на Министерството за внатрешни работи да ги прислушува граѓаните и без судска дозвола. Спорниот Закон е донесен 2005-та, но неговите измени во 2010 година ги следеа полемики меѓу власта и опозиција, и меѓу власта и експертската јавност.

Уставните судии ги поништија членот 4, точки 47 и 48, член 112, ставовите 7 и 8, членот 114, ставовите 7, 8 и 9, членот 115 и членот 138, став 1, точките 28 и 29, со кои се оставаше можност на МВР да ги следи електронските комуникации од било каков вид без судски налог, иако и Законот за кривична постапка и Законот за следење на комуникации, кои ја покриваат истата сфера на правата на граѓаните, веќе содржеа одредби за прислушување само при постоење на судски налог.

Со дел од поништените одредби беше предвидено и обврска на операторите да мора да купат опрема за потребите на МВР и да даваат информации за претплатниците!

Уставниот суд, според медиумите, одлуката ја донел со мнозинство гласови на судиите, но без полемики и спротивставени ставови за иницијативата за поништување. Според оваа одлука на уставните судии, сите поединечни акти и дејствија преземени по донесувањето на поништените законски одредби, се до објавувањето на одлуката на Судот во Службен весник на Република Македонија, немаат правно дејство.

Иако опозицијата и во време на донесувањето на контроверзниот закон, протестираше - тврдејќи дека со неговите одредби се повредуваат основните човекови права и слободи и дека се нарушува неповредливоста на комуникацијата на граѓаните, дека се доведува во прашање уставната гаранција за тајноста и сигурноста на личните податоци, заштитата на приватноста и достоинството и угледот на граѓаните, како и дека се овозможува неконтролирана работа на тајните служби, актуелната власт инсистираше на неговото донесување. Поништените одредби на законот ја проблематизираа и неазависноста на судската власт, затоа што и` овозможуваа на извршната власт да делува без нејзин налог и според сопствено наоѓање.

Уставниот суд на својата седница денес реши дека со поништените одредби на Законот за електронски комуникации, кои беа оспорувани и во извештајот на Европската комисија, се повредуваат човековите слободи и права и се нарушува приватноста. Така, од денеес, со одлуката на уставните судии, полицијата пак ќе може да прислушува само според одредбите на Законот за следење на комуникациите и по Кривичниот законик, според кои исклучиво и задолжително е налог за прислушување да даде истражен судија.

Во првите реакции на одлуката на Судот, опозицијата изрази задоволство, власта не коментираше, но според пратеникот на СДМ Владо Бучковски, „Владата се` уште должи одговор колкумина луѓе во овој момент се прислушуваат“.

XS
SM
MD
LG