Линкови за пристапност

Кантримен во Македонија


Кантримен во Македонија
Кантримен во Македонија

Имавме добри, пријателски и сериозни разговори за сеопфатната наша соработка, она што ние го сметаме за стратешко партнерство меѓу Република Македонија и САД“, изјави Кантримен по средбата со македонскиот премиер

Две недели по балканската турнеја на американскaта државна секретарка Хилари Клинтон, во која не беше вклучена Македонија - денеска во Скопје заменик-помошникот за европски прашања Томас Кантримен.

„Ова беше шанса за прв пат да се сретнам со премиерот. Имавме добри, пријателски и сериозни разговори за сеопфатната наша соработка, она што ние го сметаме за стратешко партнерство меѓу Република Македонија и САД“, изјави Кантримен по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски во Владата.

Неговиот кус престој во земјава, и кусата изјава по средбата, без можност за поставување на новинарски прашања, предизвика шпекулации во некои медиуми дека е можно посетата да е поврзана со неодамнешното барање од неколкумина конгресмени - администрацијата на претседателот Обама да и` помогне на Македонија да стане дел од НАТО, бидејќи самитот на Алијансата е за неполн месец, а нема никаков напредок во преговорите меѓу Македонија и Грција за решение на спорот со името.

Во соопштението од Кабинетот на Груевски се наведува дека Кантримен бил информиран дека за Македонија главни надворешнополитички приоритети остануваат интеграцијата во ЕУ и НАТО, а во таа насока бил истакнат партнерскиот однос со НАТО, што, пак, се потврдува со учеството во меѓународните мировни мисии. Од македонска страна биле споменати и напорите на земјава во однос на изнаоѓање взаемно прифатливо решение за спорот за името наметнат, како што се наведува, од Грција, а што се води под покровителство на ОН.

Груевски на американскиот гостин му се пофалил за постигнатите резултати од реформите во правосудниот систем, борбата против организираниот криминал и корупцијата притоа истакнувајќи ги тукушто објавените податоци за Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешенал за оваа година, што покажува напредок на Македонија во справувањето со овој вид на криминал.

Во соопштението уште се наведува дека двајцата соговорници заклучиле и дека „од страна на двете држави и влади постои силна посветеност за понатамошно продлабочување на соработката, што е пак солидна основа за натамошно градење на билатералните односи во повеќе области од заеднички интерес“.

XS
SM
MD
LG