Македонија забележа пад од 24 места на ранг – листата на Индексот на перцепција на корупција за 2016-та што го изготвува Транспаренси Интернешнел. Земјата сега се наоѓа на 90-тото место во споредба со 66-тата позиција во 2015-та.
Истражувањето на Транспаренси покажува дека Македонија е на дното во Балканот, зад неа е само Косово. Во регионот лидер според овој индекс е Словенија, а зад неа е Хрватска. Ваквиот пад, според Транспаренси, е најголем досега за Македонија.
„Владата на Република Македониjа, која повеќе години водеше политика заснована на клиентелизам и интереси, не само што ги занемаруваше сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата, туку со воспоставувањето на системот на заробена држава го оневозможи работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата. На овој начин се создаде силно изразен систем на заштита на корумпираните и систем во кој наспроти правото владеат интереси,“ вели Дона Димов од Транспаренси Македонија.
Главната причина зошто Македонија е во ваква ситуација, според Транспаренси, е ниското ниво на борба против корупција.
Назадувањето на листата на Транспаренси Интернешнел според ВМРО-ДПМНЕ е резултат на работењето на генералниот секретар Оливер Спасовски како технички министер во МВР и работењето на Фросина Ременски како технички министер за труд и социјала. „Ова е резултат на работењето на Катица Јанева и новоформираното Специјално јавно обвинителство“ – изјави Даниела Рангелова, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Индексот, според кој се врши рангирањето, е збир на податоци од разни извори кои претставуваат перцепција на бизнисмени и експерти за нивото на корупција. Во 2016 на дното на листата се Сомалија, Јужен Судан, Северна Кореја, Сирија, Јемен, Судан и Либија. Данска и Нов Зеланд се наоѓаат на прво место, потоа следат Финска, Шведска, Швајцарија и Норвешка.