Линкови за пристапност

Конгресот дава 8,3 милијарди долари за борба против коронавирусот во САД


Мерката е три пати поголем износ од барањето на претседателот Трамп за таа намена

Законодавците во Вашингтон постигнаа двопартиски договор во средата за обезбедување на 8,3 милијарди долари за борба против ширењето на коронавирусот во САД.

Демократските и републиканските лидери во Сенатот и во Претставничкиот дом се согласија за финансирањето на предлог законот и се надеваат дека конечната верзија на мерката ќе биде усвоена од Конгресот до крајот на неделата.

Конечното усвојување ќе биде двопартиски успех што сега е невообичена работа во поларизираната политичка клима на Вашингтон.

„Кога се работи за здравјето и безбедноста на Американците, нема причина да ситничариме“, рече лидерот на демократите во Сенатот Чарлс Шумер.

Претседавачот на сенатската комисија за апропријации, републиканецот Ричард Шелби, кажа дека преговорите привршуваат и дека усвојувањето на мерката неделава „испраќа порака до американскиот народ дека ние се грижиме и дека ќе сториме се` што можеме“.

Мерката е три пати повеќе од барањето на претседателот Доналд Трамп за 2,5 милијарди за финансирање на владината борба против КОВИД-19, за кој истражувачите велат дека се ширел со недели без да биде откриен во пацифичкиот северозападен град Сиетл, државата Вашингтон, каде е епицентарот на заразата во САД.

XS
SM
MD
LG