Линкови за пристапност

Американските законодавци се договорија за пакет помош од 900 милијарди заради коронавирусот


Мерката вклучува помош за бизнисите да ги задржат вработените како и директна помош за поединци

Претставничкиот дом и Сенатот се очекува во понеделник да гласаат за пакетот за помош заради коронавирусот од 900 милијарди долари што е наменет за американските домаќинства и бизниси.

Мерката доаѓа по недели на преговори за време на кои демократските и републиканските лидери имаа различни ставови за тоа колкава да биде помошта и дали треба да вклучи работи како бенефиции заради невработеност или држењето на економијата отворена.

Таа исто така доаѓа за време на наплив на инфекции од Ковид-19 со вкупно 18 милиони потврдени случаи во САД, додавајќи повеќе од 200.000 нови секој ден, додека бројот на смртни случаи е повеќе од 317.000, според Центарот за следење на коронавирусот во Џонс Хопкинс.

Лидерите на Претставничкиот дом и на Сенатот во недела објавија дека мерката вклучува 600 долари директна исплата за повеќето луѓе, со редуцирање на сумата за оние со примања над 75.000 долари годишна плата. Претходната исплата од 1.200 долари беше дел од многу поголем пакет помош од март.

Новиот пакет исто така вклучува 284 милијарди за иницијативата „Заштита на платите“ наменета за бизнисите да ги задржат вработените за време на периодот во кој економскиот притисок од пандемијата може да доведе до нови отпуштања.

Таму има и 300 долари неделна исплата заради невработеност за 11 недели, како и 82 милијарди долари за локални училишта и универзитети, 25 милијарди за кирии, 15 милијарди за театрите и 10 милијарди за грижа на децата. Има и 4 милијарди за помош на други држави во напорите за вакцинирање против Ковид-19.

XS
SM
MD
LG