Во изминатиот период во Македонија не допатувало ниту едно лице од Кина, земјата каде се појави корона вирусот кој брзо се шири низ светот. Од неделата на скопскиот аеродром е поставена термална камера со која се скенираат патниците од летовите од Истанбул и Дубаи, главни аеродроми од кои може да се очекуваат посетители кои доаѓаат од потенцијални жаришта на вирусот. Надлежните уверуваат дека се преземени неопходните мерки за спречување на ширење на вирусот.
„Координирани сме и спремни и се надеваме дека овие мерки ќе дадат резултати. Ние се спремаме и контактиравме со фирмата што ја одржува камерата да добиеме повеќе термални камери, како и заштитни скафандери за да бидеме спремни однапред“, изјави Министерот за здравство, Венко Филипче.
Проценките се дека во изминатите неколку денови од Дубаи и од Истанбул пристигнале околу 2000 патници и кај кои термалната камера не покажала покачена телесна температура – еден од индикаторите за можно присуство на опасниот вирус.
„До сега екипите на Институтот за јавно здравје немале ниту една индикација, од патниците што дошле на скопскиот аеродром, дека треба да за преземат дополнителни мерки“, вели Арбен Зибери, директор на Центарот за јавно здравје, Скопје.
Засега, во Европа се регистрирани само неколку случаи на заболени во Германија, Франција и Финска – на Балканот не е забележано присуство на корона вирусот чии симптоми се слични на оние на настинка – зголемена температура, кашлица, респираторни проблеми...
Facebook Forum