Линкови за пристапност

Инјекција за контрацепција – за мажи


Развиена и тестирана во САД, оваа хормонска контрацепција е наводно 96 отсто сигурен метод за заштита од несакана бременост

Четириесест проценти од вкупниот број на бремености во светот во 2012-та година биле непланирани, покажува извештајот на Институтот Гатмахер.

Сега, создадена е и се тестира контрацепциска инјекција за мажите – која наводно е 96 отсто ефективна. Контрацепциската течност го потиснува создавањето на семена течност до точка до која е мала веројатноста за забременување. Се убризгува секои два месеци за да се одржува ефикасноста, но доаѓа со низа несакани ефекти.

Машката контрацепција е создадена и се тестира веќе една година од страна на тим научници во Светската Здравствена Организација (СЗО) и Школата за медицина од Вирџинија, САД. Студијата е спроведена во десет центри во седум држави: САД, Австралија, Индонезија, Чиле, Германија, Британија и Индија. Деталите од студијата ќе бидат објавени на интернет.

Марио Фестин, доктор во Одделот за репродуктивно здравје и истражување во Женева, во рамки на СЗО вели: „Со помош на комбинација од хормоните тестостерон и прогестерон, може да се намали продукцијата на спермазоидна течност до степен што би претставувало начин за контрацепција“, вели д-р Фестин.

Контрацепцијата всушност содржи комбинација на машкиот хормон тестостерон, кој значително го намалува бројот на сперматозоиди, како и прогестерон, хормон кој го имаат и двата пола, но кај мажите влијае на престанокот на продуцирање на сперматозоиди.

Контрацепцијата подразбира серија на инјекции во рок од неколку месеци пред бројот на сперматозоиди да се намали на доволно ниско ниво за да се спречи забременување.

На тестирањето во кое учествувале 320 здрави мажи на возраст помеѓу 18 и 45 години, инекциите предизвикаа различни несакани ефекти како резултат на високото ниво на хормони потребни за превенција на бременост. Акни, депресија, зголемено либидо како и болка на местото каде е вбризгана инјекцијата, биле забележани кај мажите на кои инјекцијата била тестирана.

Бордот на СЗО кој го мониторираше експериментот, го стопираше тестирањето, но им дозволи на научниците да ги следат и понатаму мажите. За една година кај сите мажи вредностите на семената течност се вратиле во нормала.

Фестин вели дека машката контрацепциска инјекција мора прво да се подобри пред да биде пуштена во употреба, на што се` уште работат научниците.

Џамин Брамбат, уролог од Флорида вели дека било време да се појави контрацепциска инјекција за мажи.

„Поголемиот товар во моментов паѓа на жените кога станува збор за контрацепција, така што мислам дека ова ќе помогне дел од таа одговорност да ја преземат и мажите“, вели тој.

И покрај несаканите ефекти, научниците велат дека 75 отсто од мажите кои учествувале во експериментот одговориле дека би продолжиле и во иднина да го користат овој начин на контрацепција.

XS
SM
MD
LG