Референдумот не беше правно обврзувачки, а со тоа не беше потребен ниту цензус од 51 отсто за да биде успешен или неуспешен, смета демократскиот конгресмен од Њујорк Грегори Микс.
„Сега закондавците треба да формираат двотретинско мнозинство, со надеж дека и опозицијата ќе биде дел од тој процес. Од моја перспектива само така може да се продолжи напред“, вели тој.
Одлуката на Парламентот ќе влезе во историјата како потег кој ќе го трасира или нема да го трасира патот на Македонија во НАТО и Европската унија.
„Се надевам дека ова ќе се реши од актуелниот состав на Собранието, без да се прават нови избори кои, пак, може да доведат до нова криза“, вели Микс.
Тој верува дека ова е тежок процес, но, е процес кој мора да се заврши.
Стравува граѓаните и опозицијата да не бидат под влијание на ширење лажни вести, особено од Русија, што може во голема мера да и` наштети на конечната одлука.
„Некогаш ви се допаѓаат изборните резултати, некогаш не. Исто се случува и во САД. Тоа е процесот и не знам како може да се избегне. Ова се нарекува демократија“, рече тој.
Конгресменот смета дека името Република Северна Македонија е добро решение, бидејќи и понатаму го содржи името Македонија, а во исто време го решава спорот со Грција, што и` нуди на државата просперитетна европска иднина.
Facebook Forum