Линкови за пристапност

Конгресот ја затвори владата


За прв пат по 17 години влезе во сила делумното затварање што суспендира над 800.000 федерални работници на неодредено време.

Американската влада го примени делумното затварање за прв пат во 17 години, откако двата дома на Конгресот не успеаа до рокот 1-ви октомври да се договорат за единствен закон за трошоци.

Три пати во понеделникот Претставничкиот дом предводен од републиканци одобри закон за трошоци што би го одложил законот за здравствена заштита на претседателот Барак Обама, познат како Обамакеар. Во сите три случаи Сенатот под контрола на демократите ги отфрли во рок од неколку минути.

Кусо време пред полноќ, директорката за буџет на Белата куќа Силвија Бурвел издаде директива до федералните агенции да „го егзекутираат планот за делумно затворање според претходно утврдените правила“. Наредбата значи дека привремено се суспендирани околу 800.000 федерални работници. Меѓу агенциите кои се засегнати со затворањето се националните паркови, агенциите за безбедност во сообраќајот, и Одделот за одбрана – со отпуштање главно на цивилите во служба на одбраната. Агентите за домашна безбедност ќе работат и канцелариите за безбедност на границите ќе останат отворени, како и другите агенции за спроведување на законот.

Во изјава рано во вторникот, американскиот претседател Барак Обама кажа дека членовите на американската армија ќе останат на служба и на тековните армиски операции како оние во Авганистан. Тој рече дека има намера да потпише закон според кој припадниците на армијата ќе бидат платени на време. Обама исто така вети дека ќе работи во насока да го натера Конгресот повторно да ја отвори владата.

Затварањето нема да е пречка за главниот фокус на конгресното несогласување: законот за здравствена заштита. Компонентите планирани да стапат во сила во вторник ќе бидат применети според планот.

Експертите велат дека затварање подолго од две недели најверојатно ќе ја забави и онака слабата економија, преку намален приход од туризмот и со отпуштање на федерални работници кои ќе се воздржуваат од трошење.

Подоцна во вторник, претседателот Обама планира да зборува за програмата за здравствена заштита што е активирана и покрај затварањето на владата. Многумина Американци кои немаат здравствено осигурување ќе бидат во можност да се пријават за полиси кои ги помага владата.

Претходно, претседателот кажа дека затварањето на владата е врв на неодговорност и го запира опоравувањето на економијата.

Тој ги обвини републиканците во Претставничкиот дом кои сакаат дефинансирање на здравствената програма дека всушност се додворуваат на десната фракција Ти парти и дека повторно ја водат борбата од претседателските избори во 2012-та.

Претседателот кажа дека целата држава ќе ги почувствува ефектите од затварањето на владата, а не само федералните работници кои нема да бидат платени, туку и граѓаните кои се потпираат на владини услуги кои понекогаш спасуваат животи.

Обама нагласи дека неговата програма за здравствена заштита е закон што бил усвоен во Конгресот, одобрен од гласачите, и потврден од Врховниот суд. Тој кажа дека законот ќе биде имплементиран без оглед на тоа што се случува во Конгресот.

Тој ги отфрли предлозите за одлагање на Обамакеар, велејќи дека тоа би водело во уште една битка на само неколку месеци од сега.

Демократите велат дека законот за здравствена заштита на семејствата со мали примања и на оние без здравствено осигурување им дава шанса да купат полиса што ќе спречи да бидат доведени во финансиска катастрофа ако сериозно се разболат.

Републиканците велат дека програмата е збунувачка и не е готова. Тие исто така велат дека законот и` штети на економијата со поставување нови даноци и со принудување на малите бизниси да обезбедат здравствено покривање за нивните вработени.
XS
SM
MD
LG