Линкови за пристапност

Новиот Конгрес пред стариот долг


Новиот американски Конгрес кој во четврток даде заклетва, ќе мора веднаш да се зафати со решавање на старите проблеми: долг,имиграција и контрола на оружјето.

Конгресот на заминување од функцијата последните денови се занимаваше со горливото прашање на легислативата за даноци и трошоци, за на крајот да ги зголеми даноците за најбогатите Американци. Новиот Конгрес, 113-ти по ред, се соочува со обновена дебата за растечкиот долг на државата од 16,4 трилиони долари, должничкиот плафон за владата постигнат порано неделава.

Владата вели дека може да ги плаќа обврските уште месец-два, но потоа треба да има договорено покачување на лимитот или ќе се соочи со неможност за исплата на финансиските обврски. Претседателот Барак Обама, демократ, кажа дека нема да преговара со Конгресот во врска со границата на долгот.

Но законодавците и Белата куќа исто така треба да решат какви скратувања на трошоците ќе има, одлуки кои тие ги одлагаат веќе два месеци додека правеа компромис по овонеделниот пакет за даноци.

Обама, кој треба да даде заклетва за вториот мандат на 20 јануари, вели дека планира да ја испрати легислативата за контрола на оружјето до Конгресот подоцна месецов, во светлина на минатомесечното пукање во основно училиште кое остави 20 деца мртви, а како дополнение на тоа се надева, кажа тој, да ја стави во сила големата имиграциона реформа оваа година.

Како резултат на ноемвриските избори, Обама ќе има малку поголема поддршка за работа со Конгресот. Демократите имаат 55 членови во Конгресот наспроти 45 републиканци, што е добивка од две места. Републиканците продолжуваат да го контролираат Претставничкиот дом со 435 места, но со редуцирано мнозинство. Републиканците имаат 234 места во Претставничкиот дом, а порано имаа 242, додека демократите држат 201 место.

Републиканците се очекува да го реизберат нивниот лидер во Претставничкиот дом, спикерот Џон Бенер, за уште еден мандат. Според американскиот закон, тој е втор на линија за претседателска функција, по потпретседателот Џо Бајден, демократ.

Конгресот вклучува 12 нови сенатори и 84 нови членови на Претставничкиот дом. Додека целокупната демографска структура на Конгресот останува побела, помашка и постара, новите законодавци се најдиверзитетни во историјата, особено меѓу демократската делегација на Претставничкиот дом.

Меѓу новите законодавци се четворица Афро-Американци, 10 со латиноамериканско потекло, пет Азиски-Американци и 24 жени. Има и двајца Индуси, еден будист и прва отворено бисексуална членка на Претставничкиот дом.
XS
SM
MD
LG