Двајца членови на Комитетот за домашна безбедност на Претставничкиот дом на САД објавија договор за формирање на панел за спроведување двопартиска истрага за немирите во американскиот Конгрес на 6-ти јануари.
Договорот беше објавен од демократот Бени Томпсон и републиканецот Џон Катко.
Законодавците рекоа дека ќе воведат нацрт-закон за разгледување во Претставничкиот дом веќе следната недела. Мерката ќе бара истражна комисија слична на онаа што ги истражуваше терористичките напади во САД на 11-ти септември 2001-ва година, рекоа тие.
Предложената 10-члена комисија ќе се состои од пет члена назначени од секоја партија. Панелот ќе треба да достави извештај до 31-ви декември што вклучува „препораки за спречување на идни напади врз демократските институции“, рекоа законодавците.
Договорот меѓу законодавците беше постигнат откако двете партии со месеци не можеа да се согласат околу обемот на истрагата.
Претставничкиот дом и Сенатот мора да го одобрат предлог-законот, пред да му се предаде на претседателот Џо Бајден да го потпише во закон.
Немирите на 6-ти јануари во зградата на Конгресот во САД имаа за цел да спречат сертифицирање на изборната победа на Бајден над Доналд Трамп.
Критичарите на Трамп велат дека тој ги поттикнал немирите во кои загинаа пет лица, вклучително и федерален полицаец, кога се обрати пред илјадниците приврзаници кои се собраа во близина на Белата куќа во протестен марш до Конгресот, каде што законодавците беа во фаза на официјално потврдување на победата на Бајден.
Трамп избегнуваше каква било одговорност за нападот врз американскиот Конгрес.
Facebook Forum