Линкови за пристапност

Американскиот Сенат подготвен за гласање по ветото на претседателот за трошоците во одбраната


Мнозинскиот лидер во Сенатот на САД Мич Меконел ги поттикнува колегите да гласаат за надминување на ветото на претседателот Доналд Трамп за мерката што предвидува 740 милијарди долари за трошоци во одбраната.

„Претседателот Трамп со право забележа дека годинешниот акт за одбраната ги нема сите одредби што републиканците ги сакаа. Убеден сум дека нашите демократски колеги истото го чувствуваат“, Меконел изјави во вторникот.

„Но, така е секоја година. Тоа е случај 59 последователни години и веројатно и натаму, Вашингтон ги става разликите настрана, наоѓа заедничка основа и го усвојува годишниот буџет за одбраната“.

Сенатот го усвои документот со 84 гласови и 13 против порано месецов. По ветото на Трамп Претставничкиот дом гласаше во понеделникот со над 2/3 гласови да го надмине претседателското вето.

Меконел се надеваше дека ќе го одржи гласањето на Сенатот во среда. Сепак, либералните сенатори предводени од Берни Сандерс блокираат акција во врска со законот за одбранаta сè додека Сенатот не го изгласа предлогот за зголемување на исплатите за олеснување на последиците од коронавирусот.

Доколку Сенатот го одобри прегласувањето, тоа ќе биде првпат Конгресот да се спротивстави на вето на Трамп за време на неговите четири години на функцијата.

Трамп во вторникот го нарече законодавството за одбрана „срамен чин на кукавичлук и целосно потчинување на слабите луѓе пред технолошките гиганти. Преговарајте за подобар предлог закон, или најдете подобри лидери, СЕГА! Сенатот не треба да го одобри документот за одбраната додека не биде поправен!!!“

Претседателот го критикуваше предлог-законот на неколку фронта, велејќи меѓу другото и дека треба вклучува укинување на одредба што ги штити компаниите на социјалните медиуми од одговорност за постираната содржина од нивните корисници.

Како ќе продолжи постапката во Сенатот каде мнозинството се републиканци, по двата предлога, за одбраната и за помошта заради Ковид, не е јасно.

XS
SM
MD
LG