Двопартиска група законодавци во Претставничкиот дом предложи закон со кој без конгресно одобрение, администрацијата на Трамп не може да ги укине санкциите против Русија.
„Неодамнешното обелоденување на тајните разговори на Флин со рускиот амбасадор во САД по прашањето за санкциите, го прави овој закон уште поважен,“ кажа конгресменот Адам Шиф, демократ од Калифорнија и член на Комисијата за разузнавање за време на прес-конференцијата за новинарите.
Шиф алудираше на поранешниот советник за национална безбедност, Мајкл Флин, кој во понеделникот поднесе оставка на функцијата, откако јавноста дозна дека имал контакт со рускиот амбасадор во САД, пред инаугурацијата на Трамп во јануари.
Конгресната мерка има поддршка и од републиканците.
Слична двопартиска мерка беше предложена и во Сенатот.
По итната средба на демократскиот кокус, сенаторот Чарлс Шумер предупреди дека безбедноста на земјата се наоѓа под ризик.