Џаред Кушнер, зет и близок советник на претседателот Доналд Трамп, по денешниот распит во Конгресот, изјави дека не соработувал со ниту една странска влада, ниту пак имал несоодветни контакти.
„Не сум соработувал со Русија. Не познавам никој што соработувал“, рече Кушнер, по распитот зад затворени врати.
Кушнер пред денешниот распит зад затворени врати во Сенатската комисија за разузнавање, како и пред утрешниот распит во Комисјата за разузнавање во Претставничкиот дом, за наводното руско мешање во изборите во САД, објави писмо, во кое изјавува дека нема никакви руски контакти, кои влијаеле врз изборите.
„Изјавата и документите што ги обезбедувам, ќе покажат дека имав четири контакти со руски претставници, од околу илјадници други за време на кампањата и транзицијата, од кои ниту еден имал какво било влијание врз изборите“, напиша Кушнер
Тој ги опишува неколкуте кратки состаноци со рускиот амбасадор во САД, велејќи дека изразиле волја за унапредување на односите САД - Русија, но, ги негираше медиумските извештаи дека тој и Сергеј Кислјак разговарале на телефон.
Конгресните комисии се очекува да побараат од Кушнер информации за неговите руски контакти, вклучувајќи го и состанокот минатиот јуни, со руска адвокатка и други лица поврзани со Москва.
Овој состанок е во фокус, откако синот на претседателот Доналд Трамп Јуниор ги објави мејловите, кои покажуваат дека тој бил заинтересиран за документи, кои наводно требало да ги обезбеди руската адвокатка, кои биле со цел да и наштетат на кампањата на демократската ривалка Хилари Клинтон.
Facebook Forum