Линкови за пристапност

Конгрес „Исламска цивилизација на Балканот“

  • Синиша Станковиќ
  • известувач Скопје

Конгрес „Исламска цивилизација на Балканот“

„Силната религија не врши присила врз своите верници, силната религија нив ги привлекува како светлина во ноќта“, изјави претседателот на Македонија Ѓорге Иванов на отворањето на конгресот „Исламска цивилизација на Балканот“, што од четврток па се` до недела ќе се одржува во Скопје, во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Истражувачкиот центар за исламска историја, уметност и култура од Истанбул.

Според македонскиот претседател, Македонија е пример за религиски соживот и толеранција.

„Во Македонија соживотот меѓу христијанството и исламот може да се види на речиси секој чекор, а македонската мултиетничност и мултиконфесионалност значат слободно славење на религијата, како и слобода да не се слави ниту една религија“, рече Иванов.

„Македонија е земја во која соработуваат религиите, традициите и разните етнички групи во градењето заеднички дом и се во потрага по одговори на некои вечни прашања“, порача Иванов и дополни дека „тоа е доказ оти е можна подобра иднина за регионот, Европа и светот“.

На отворањето на меѓународниот конгрес во Скопје, четврти по конгресите во Софија – 2000-та, во Тирана – 2003-та и во Букурешт во 2006-та година, во воведното излагање Иванов рече и дека „исламската цивилизација чие значење е еднакво на значењето на христијанската цивилизација, суштински влијаела врз физиономијата и богатството на културите и општествата“ и потенцираше дека „Балканот е мирен и стабилен, но и самиот продуцира мир, стабилност и безбедност единствено кога е на отворен простор, бидејќи тогаш ја има способноста да ги помирува различностите“.

На конгресот следните денови низ интердисциплинарен пристап главни теми ќе бидат историјата и наследството на исламската цивилизација и цивилизацијата на Балканот. Учесниците на конгресот, експерти од повеќе области, ќе зборуваат и за мултикултурната коегзистенција и трендовите и процесите на развојот на исламската култура, за културните и образовните институции, за науката, учењето, архитектурата и урбанизмот, за уметноста, јазикот и литературата, и за општествениот живот и традициите – за актуелната состојба и прашањата за нивната заштита.

Според Халид Ерен, собирот треба да придонесе за промовирање на студиите за исламската цивилизација и за зголемено познавање на културите на Балканот. Иако Ерен во своето обраќање изрази задоволство од грижата на македонските институции.за спомениците на културата од исламскиот период, поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи во своето обраќање, меѓу другото, им забележа на државните институции што одделни верски објекти со голема културна вредност несоодветно се користат и ја наведе како пример Јени џамија во Битола, каде што, според него, „за жал поради спуштеното перде на човечкиот разум наместо молитва кон Алах, има изложба на женски актови“.

XS
SM
MD
LG