Линкови за пристапност

Кое е значењето на конфедеративните статуи во САД?


Настаните во Шарлотсвил, Вирџинија од саботата, повторно ја разгореа и онака жешката дебата за конфедеративните статуи во САД, при што многумина бараат нивно отстранување, додека исто така многумина, тврдат дека историјата не треба да се брише.

Протестите во Шарлотсвил се одвиваа во близина на „Паркот еманципација“, кадешто има статуа во чест на конфедеративниот генерал Роберт Ли. Белите супремацисти велат дека причината зошто собирот сакале да го одржат во тој парк, била да го изразат незадоволството поради напорите таа статуа да биде симната.

Според магазинот „Слејт“, низ САД има околу 13.000 конфедеративни статуи и други комеморативни предмети, и тие не се само во поранешната Конфедерација.

Во самата зграда на американскиот Конгрес во Вашингтон, се поствени статуи на конфедералниот претседател Џеферсон Дејвис и потпретседателот Александар Стивенс, заедно со Ли и други воени претставници од тоа време. Секоја од 50-те сојузни држави има одбрано по две статуи како свој придонес за оваа конгресна колекција.

Во меѓувреме, конгресменката од Флорида, Деби Шулц ги повика законодавците од нејзината сојузна држава да ја заменат статуата на конфедерален генерал. Сенаторот од Њу Џерси, Кори Букер, изјави дека ќе претстави легислатива за отстранување на сите конфедеративни статуи на Капитол хил.

На околу пет километри западно од зградата на Конгресот, во Вирџинија, среде Националните гробишта во Арлингтон, се наоѓа споменик на Роберт Ли. Главниот генерал на Југот, пред Граѓанската војна на ова место бил сопственик на плантажа.

Во околните населби во Вирџинија, постојат училишта со имиња на истакнати генерали од Граѓанската војна, како Стоунвол Џексон и Џеј Стјуард. Локалните власти неодамна гласаа за промена на името на средното училиште Џеј Стјуард.

На само 90 минути од Вашингтон, во Ричмонд, Вирџинија, инаку поранешен главен град на Конфедерацијата, долж голема улица наречена Авенија на споменици, се поставени статуи и споменици на војници и политичари од времето на Конфедерацијата.

Како ова се случило, особено со оглед дека Југот ја загуби Граѓанската војна?

Историчари, за Гласот на Америка изјавија дека спомениците се резултат на организиран напор на одредени групи на Југот, како „Обединети ќерки на Конфедерацијата“ (UDC) и „Синови на конфедеративни ветерани (SCV), кои настојуваа да ја ревидираат историјата на Граѓанската војна, почнувајќи речиси веднаш по завршувањето на немирите.

Наречено движење на „Изгубена кауза“, обидот беше Конфедерацијата да се одвои од ропството, а војната да се направи за правата на сојузните држави и самоуправувањето.

За возврат, војниците на Конфедерацијата беа претставувани како херои за нивната борба со чест и храброст - идеали на кои сите Американци им се восхитуваат и почитуваат.

Реконструкцијата непосредно во повоените години, помогна да се потикне движењето „Изгубена кауза“, затоа што јужњаците го сметаа за обид на северот да го уништи нивниот начин на живот.

Сега, откако Балтимор и Њу Орлеанс ги отстранија конфедеративните статуи, се јавија и оние кои велат дека почитувањето на оние коишто се бореле за Југот, не треба да се смета за навредливо или расистичко. Тие воедно тврдат дека отстранувањето на статуите може да има несакани последици.

„Што е следно, палење книги со навредлива содржина?“, пишува авторката Шерил Чумли во неодамнешен коментар во весникот „Вашингтон тајмс“. „Горење книги напишани од оние кои некогаш биле сопственици на робови? Во најмала рака, и музеите ќе мора да не постојат.

За време на неодамнешна прес-конференција, претседателот Доналд Трамп го спомена токму ова прашање.

„Оваа недела, Роберт Е. Ли“, рече тој. „Истото се случува на Стоунвол Џексон. Се прашувам, дали наредната недела ќе биде Џорџ Вашингтон, а Томас Џеферсон неделата потоа? Навистина треба човек да се запраша, каде запира сево ова?“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG