Линкови за пристапност

Коми: Трамп беше загрижен за истрагата за Русија


Ова се наведува во белешките на поранешниот директор на ФБИ, кои протекоа во јавност вчера, а кои ги правел по средбите со Трамп минатата година

Белешките коишто поранешниот директор на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми ги правел по неколку состаноци со претседателот на САД Доналд Трамп, минатата година, вчера протекоа во јавност.

Коми рече дека ги напишал кусо по неколку разговори со претседателот, бидејќи имал непријатно искуство со американскиот лидер.

Во нив, Коми вели дека претседателот бил загрижен за тврдењата оти наводно соработувал со Русија, со цел да му помогне да победи на изборите, како и дека постои видео од Трамп со руски проститутки.

Во една од белешките, направена по разговорот на Коми со Трамп на 30-ти март минатата година, поранешниот директор на ФБИ вели дека Трамп „рекол оти се обидува да ја води државата, но, дека облак за ситуацијата со Русија го отежнува тоа“.

Коми, исто така, забележал дека претседателот често го прашувал за тврдењето дека постои видео од него со руски проститутки во хотел во Москва.

Белешките откриваат дека Трамп изразил загриженост за неговиот прв советник за национална безбедност Мајкл Флин.

Кусо по инаугурацијата, Трамп бил на вечера со Коми, и според белешките, претседателот побарал лојалност од Коми за случајот со Флин.

Белешките беа објавени од Одделот за правда, и испратени до Конгресот, од каде подоцна биле земени од новинарите.

Трамп, вчеравечер, на неговиот Твитер профил напиша:

„Белешките на Џејмс Коми само што се појавија, и јасно покажуваат дека немало соработка и попречување. Тој, исто така, објави класифицирани информации. Дали ќе продолжи ловот на вештерки?“, напиша Трамп на Твитер.

Трамп го отпушти Коми во мај 2017-та година, додека тој ја предводеше истрагата за наводното руско мешање во претседателските избори во САД, како и за можна соработка меѓу кампањата на Трамп и Русите.

Откако Коми беше отпуштен, Роберт Мулер беше назначен за специјален советник, кој ќе ја продолжи истрагата за наводната руска вмешаност во претседателските избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG