Линкови за пристапност

Семејството и пријателите му оддаваат почит на Колин Пауел, меѓу нив и Бајден


Денес ќе се одржи погребна церемонија во Националната катедрала во Вашингтон

На поранешниот државен секретар на САД Колин Пауел, кој почина од компликации од ковид-19 минатиот месец, денес ќе му се оддаде почит на погребна церемонија во Националната катедрала во Вашингтон, објави Асошиетед прес.

Покрај пријатели, семејството и поранешни колеги, на церемонијата се очекува да присуствува и претседателот Џо Бајден. Тој нема да зборува. Во негово сеќавање ќе се обратат неговата претходничка Медлин Олбрајт, Ричард Армитиџ, заменик-државен секретар во времето на Пауел, а двајцата служеле заедно во Пентагон за време на администрацијата на Реган. Присутен ќе биде и синот на Пауел Мајкл.

Пауел беше пример за малцинствата во јавниот и приватниот живот. Од виетнамски ветеран тој стана прв црн претседавач со Генералниот воен штаб и прв црн државен секретар на САД.

Пауел беше вакциниран против коронавирус, но, неговото семејство рече дека бил имунокомпромитиран поради леукемија за што примал терапија.

Армиски генерал со четири ѕвезди тој беше претседател на Генералниот штаб во времето на Џорџ Буш постариот. Како умерен републиканец и прагматичар тој беше државен секретар на САД за време на администрацијата на Џорџ Буш.

Пауел беше и пријател на Македонија кој се залагаше за промоција на демократските вредности, меѓународната безбедност и економскиот просперитет. Тој ја посети државата во април 2001-та година за да ја нагласи посветеноста на САД.

За време на состанокот во мај 2001-та година со македонскиот претседател Борис Трајковски во Вашингтон, секретарот изрази солидарност со Македонија и целосна посветеност на САД кон територијалниот интегритет на државата.

Тој играше улога во промената на американската политика за признавање на дражвата под уставното име на 4. ноември 2004 година.

Пауел веруваше во политиката на отворени врати на НАТО и го предводеше потпишувањето на Американско-јадранската повелба во мај 2003-та година, обединувајќи ја Македонија со Албанија и Хрватска за да ги подготви и да изврши притисок за нивното евентуално полноправно членство во НАТО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG