Мајкл Коен, поранешниот личен адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп денес започна со отслужувањето на тригодишната затворска казна, која ја доби делумно заради неговата вмешаност во исплатата на пари на две жени за тие да молчат за наводните врски кои тие ги имале со Трамп пред околу деценија.
52-годишниот Коен се пријавил во затворот со минимална безбедност во Отисвил, 120 километри северозападно од Њујорк.
Заминувајќи од Њујорк, Коен го нападна Трамп, велејќи дека откако ќе ја заврши казната тој се надева дека „државата ќе биде место без ксенофобија, неправда и лаги“ и дека со нетрпение го очекува денот кога ќе може да ја сподели вистината.
Коен беше адвокат за организација на Трамп. Откако Трамп влезе во политиката, тој редовно се појавуваше на телевизија, бранејќи го својот шеф.
Работите се променија откако специјалниот советник Роберт Милер и другите федерални обвинители започнаа со истрагата за Трамп и врските на неговата кампања со Русија и дали претседателот ја попречил правдата обидувајќи се да ја спречи истрагата на Мулер.
Мулер го ослободи Трамп и неговите помошници од обвинението за соработката со Русија.
Коен беше спомнат во извештајот на Мулер повеќе од 800 пати и се изјасни за виновен за финансиски криминал во врска со исплатата на пари за две жени и за лажење на Конгресот во врска со напорите на Трамп за да постигне договор за да изгради облакодер во Москва.