Клинтон пред своите симпатизери и персоналот на кампањата во Њујорк, му честиташе на Трамп за победата и понуди да соработува со него во името на државата.
Таа додаде дека изборите не завршиле како што се надевала, но кажа дека ги прифаќа резултатите и ги повика нејзините поддржувачи да го сторат истото.
„Видовме дека нашата нација е подлабоко поделена отколку што мислевме. Но, јас и натаму верувам во Америка и секогаш ќе верувам во неа. Ако и вие мислите така, тогаш мора да ги прифатиме резултатите, а потоа да погледнеме кон иднината. Доналд Трамп ќе биде нашиот претседател. Му должиме отворен ум и шанса да ја води нашата земја“, рече поранешната државна секретарка.
Претседателот Барак Обама изјави дека го поканил Трамп во Белата куќа во четврток, на разговори за транзицијата меѓу претседателствата.
„Не е тајна дека избраниот претседател и јас имаме драстични разлики по одредени прашања. Но, запомнете, пред 8 години, ист беше случајот и меѓу мене и претседателот Џорџ Буш. Сепак, тимот на Буш не можеше да биде попрофесионален и пољубезен во напорите да за непречена транзиција. Затоа, на мојот тим му дадов инструкции да го следи примерот на претседателот Буш од пред 8 години и да работиме што е можно поинтензивно за да обезбедиме дека ова ќе биде успешна транзиција“, подвлече претседателот Обама.
Обама додаде дека од обраќањето на Трамп по победата и од нивниот приватен разговор, имало индикации дека тој има намера да и` служи на нацијата со чувство на инклузивност, единство и почит спрема институциите, владеењето на правото и еден спрема друг.