За време на претседателските кампањи кандидатите на најголемите партии меѓусебно се напаѓаа.
„Хилари Клинтон е најкорумпирана личност што воопшто се кандидирала за претседател“, изјави Трамп.
„Доналд Трамп е поинаков. Тој не е квалификуван и неподобен за претседател и врховен командант“, се зборови на Клинтон.
Сега, акцентот се става на политички предлози и двајцата кандидати сакаат да се претстават како контраст на противникот.
„Ако јас бидам избран за претседател, ќе го исушиме мочуриштето во Вашингтон“, истакна Трамп.
Тој ветува ограничување на мандатот за законодавците и амбициозна агенда дома и во странство.
„Ќе ги обновиме преговорите за ужасните трговски договори, ќе ја прекинеме илегалната имиграција, ќе го запреме масовното влегување на бегалци, ќе го намалиме бранот на криминал, ќе ги намалиме даноците во голема мерка и уште повеќе ќе ја намалиме регулативата“.
„Има работа во Вашингтон. И јас знам дека тоа не е лесно“, изјави Клинтон.
Клинтон ветува дека ќе биде активна во областа на економијата.
„Ќе направиме најголема инвестиција во работните места по Втората светска војна. Работни места и инфраструктура. Ќе се бориме и со климатските промени, со работни места во обновливата енергија“.
Но ниту еден од кандидатите не престана да го напаѓа другиот.
„Пограничната политика на Хилари Клинтон ќе дозволи повеќе луѓе да влезат во земјата, како оној што го уби мојот син“, се вели во реклама спонзорирана од кампањата на Трамп.
„Капетанот Хумајун Кан беше мој син. Имаше 27 години и беше Американец со муслиманско потекло. Сакам да го прашам господинот Трамп: Дали мојот син би имал место во Вашата Америка?“, се вели во реклама спонзорирана од кампањата на Клинтон.
Но 8-ми ноември е блиску и двајцата кандидати минуваат повеќе време зборувајќи за својата визија за нацијата, со надеж дека ќе им дадат причина на гласачите да гласаат за нив, а не само против нивниот противник.