Линкови за пристапност

Ал-Каида зад нападот во Бенгази


Државната секретарка Хилари Клинтон за прв пат експлицитно ја поврза терористичката организација со убиството на американски дипломати во Либија.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон за прв пат експлицитно ја поврза Ал-Каида и нејзиниот Северноафрикански огранок за нападот врз Конзулатот на САД во Либија во кој беа убиени четворица Американци, вклучувајќи го и амбасадорот Кристофер Стивенс.

На специјален состанок на ОН за регионот Сахел во Северна Африка, Клинтон кажа дека Ал-Каида во Исламски Магреб ја користи областа како засолниште од каде го поддржува екстремизмот и терористичкото насилство во земји како Либија. Таа додаде дека регионалната група на Ал-Каида соработува со други екстремисти „за да ги подријат тековните демократските транзиции во Северна Африка, како што беше трагичниот случај во Бенгази“.

Државната секретарка соопшти и дека американското разузнавање и агенциите за спроведување на законот ја интензивираат соработката со земјите од регионот во истрагата за нападот во Бенгази. Во првичните реакции по нападот, американската влада го опиша нападот како локална, спонтана ерупција на насилство.

И либискиот претседател Мохамед ел-Магариеф во средата го окарактеризира смртоносниот напад врз американскиот конзулат како „претходно испланиран терористички напад“.
XS
SM
MD
LG