Трамп попладнево ќе биде во Рајли, главниот град на оваа сојузна држава.
Неколку часа порано, Клинтон ќе говори 200 километри понатака, во Шарлот, каде претседателот Обама ќе се појави за прв пат во поддршка на Хилари Клинтон, која беше државна секретарка за време на неговиот прв мандат.
„Во исчекување да настапиме заедно на кампањата“ напиша на Твитер Клинтон која исто така го простираше видеото од минатиот месец во кое претседателот официјално ја поддржа.
Осум години порано, Обама и Клинтон водеа битка за време на демократските прелиминарни избори кои завршија со победа на Обама, кој ја доби номинација. Клинтон подоцна водеше кампања за него за време на општите избори против републиканецот Џон Мекејн.
Сега Обама ја поддржува Клинтон, обидувајќи се да ги задржи демократите во Белата куќа и да ги пролонгира политиките на неговата администрација. Неговата поддршка доаѓа во време кога неговиот рејтинг е највисок во речиси четири години.
Но, Трамп не е помеѓу оние кои мислат дека Обама добро си ја врши работата. Во мај, Трамп го нарече Обама „најлош претседател во американската историја.“
„Тој посакува уште четири години за Обама – но никој друг не го посакува тоа,“ напиша на Твитер Трамп, по објавувањето на претседателската поддршка за Клинтон.
Милијардерот постојано ги напаѓа и двајцата демократи за како што вели несоодветната борба со тероризмот, посебно Исламската држава, но исто така и домашната политика на Обама.
Обама ја отфрли критиката од Трамп. Тој кажа дека повикот за забрана за влез на муслиманите во САД го изневерува американското наследство на расен, етнички и религиозен плурализам и нема да биде „она што го посакува Америка.“