Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми, соопшти дека агенцијата повторно ја отвора истрагата за користењето на приватниот имеил сервер од страна на Хилари Клинтон.
Во писмо до клучни републикански конгресни лидери, Коми вели дека агенцијата дознала за постоење на електронски пораки, што се чини дека се релевантни за истрагата. Тој додаде дека материјалот ќе биде прегледан за да се утврди дали содржи доверливи информации и дали се корисни за текот на таа истрага.
Коми не го прецизираше нејзиното времетраење, а претставник на Стејт департментот за Гласот на Америка изјави дека „никој не знаел дека може да дојде до ова“.
Спикерот на Претставничкиот дом и поранешниот претседателски кандидат Пол Рајан, најновиот развој на настаните го нарече „презадоцнета реакција“ и дека „истрагата е резултат на неодговорната употреба на приватниот имеил сервер на Клинтон и нејзиното одбивање да им излезе во пресрет на федералните истражители".
Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп за време на говор во Њу Хемпшир, кажа дека му е драго што ФБИ „ќе ја исправи ужасната грешка“ да не поведе судска постапка против демократката Клинтон. Трамп воедно додаде дека скандалот е „поголем од Вотергејт“ од 1974-та, по кој претседателот Ричард Никсон поднесе оставка.
Демократската претседателска кандидатка се соочи со низа прашања заради користењето на приватниот имеил сервер наместо службениот. ФБИ поведе истрага за електронските пораки во 2015-та година, но во јули заклучи дека нема основа Клинтон да биде обвинета за активностите.
Клинтон изјави дека го користела приватниот сервер, наместо службениот, бидејќи за неа било полесно да комуницира. Критиката вели дека таа се обидувала да ја сокрие комуникацијата од Актот за слобода на информациите.
Иако за приватниот сервер каде биле пронајдени доверливи информации, властите велат дека бил чувствителен на хакерски напади, не биле пронајдени докази дека Клинтон ги споделувала пораките со нелегални страни со претходна умисла, и дека се обидела да го прикрие тоа.
Претседавачот со Комисијата за правосудство во Претставничкиот дом Боб Гудлејт, издаде соопштение во кое вели дека најновата одлука на ФБИ го отсликува она што панелот го бара со месеци.
„Што повеќе дознаваме за користењето на приватниот имеил сервер на поранешната државна секретарка Клинтон, станува се` појасно дека таа и нејзините соработници постапиле погрешно и ја довеле во опасност националната безбедност“, истакна Гудлејт.