Линкови за пристапност

Индија може да има десет пати повеќе случаи на Ковид отколку што покажуваат официјалните бројки


Индија сега има повеќе од 6,2 милиони случаи на Ковид-19 меѓу вкупно 1,3 милијарди жители -- но нова студија на националните власти за јавно здравје вели дека таа цифра би можела да биде 10 пати поголема.

Индискиот цовет за медицинско истражување во вторник кажа дека еден на 15 лица над 10-фодишна возраст имал антитела од претходна инфекција, базирано на крвни тестови направени на повеќе од 29.000 луѓе во државата, во периодот од средината на август до средината на септември.

Д-р Балрам Бхаргава, раководителот на организацијата, кажа дека истражувањето открило дека 15,6 проценти од сите жители во најсиромашните квартови имале антитела, споредено со 8,2 проценти кај урбаните жители што живеат надвор од тие квартови и 4,4 проценти од руралните жители.

Индија е втора држава по САД според бројот на случаи на коронавирус и број на умрени од вирусот. Вирусот почна повеќе да се шири откако јавниот превоз, бизнисите, маркетите, хотелите, рестораните и баровите повторно се отворени во повеќето градови, со олеснувањето на рестриктивните мерки во Индија.

Ковид-19 уби повеќе од еден милион луѓе во светот, вклучувајќи околу 97.000 во Индија, 149.000 во Бразил и 205.000 во САД.

Во Њујорк, иницијалниот епицентар на пандемијата во САД во март и април, градоначалникот Бил де Блазио во вторникот соопшти дека дневната стапка на позитивни случаи пораснала над три проценти, највисока цифра од јуни наваму. Официјални претставници порано неделава изразија загриженост за осум населби во Бруклин и Квинс, од кои некои се населени со големи заедници на православни Евреи, каде во голема мерка се игнорираат советите за носење маски и за социјално дистанцирање.

Зголемувањето доаѓа во време кога градот започнува со отварање на јавните училишта за физичко присуство, оваа недела.

Националната фудбалска лига (НФЛ) во вторник соопшти дека Титаните од Тенеси ги затвориле објектите за вежбање во Нешвил и ги суспендирале сите активности со физички контакт откако тројца играчи и петмина од персоналот што не се играчи, покажале позитивен резултат на тестот за Ковид-19. Ова ги натера Викинзите од Минесота, кои играле со Титаните во Минеаполис во неделата, да ги затворат и своите објекти за вежбање, иако ниеден од нивните играчи или вработени покажале позитивен резултат на тестот.

НФЛ вели дека не е донесена одлука дали Тенеси ќе бидат домаќини на планираниот натпревар со Стилерси од Питсбург, во недела.

Исто така во вторникот, американскиот гигант од забавувачката индустрија, Дизни, најви отпуштање на 28.000 работници, од кои најголем дел се од тематските паркови во Флорида и Калифорнија.

XS
SM
MD
LG