Линкови за пристапност

Дали секое девојче треба да биде принцеза?


Дали секое девојче треба да биде принцеза?
Дали секое девојче треба да биде принцеза?

Додека жените во американското општество продолжуваат да напредуваат, лесно е девојчињата да останат заглавени во светот на бајките со принцези и розеви фустанчиња. Ова не и` се допаѓа на новинарката Пеги Оринстин која зборува за опсесијата на нејзината ќерка со дизниеви принцези и предвидлив избор на розева боја, во есеј за магазинот на Њујорк тајмс.

Пеги Оринстин објави војна на потрошувачката култура за хипер-феминизирани девојчиња Таа вели дека маркетингот за девојчиња е идејата за розево и убаво, дека фокусот е на невин изглед, што прави девојчињата да се многу свесни за нивниот изглед. Таа посебно се противи на шминка за млади девојчиња и провокативни фустани.

Многу родители не гледаат ништо лошо во тоа девојчињата да играат улога на Пепелашка, да се шминкаат и да се облекуваат како слатки принцези, но Оринстин е загрижена за долгорочното влијание на охрабрувањето на таквото однесување.

„Мислам дека родителствувањето е работа од сегашно време. Кога ќерка ви е три месеци, тешко ви е да ја замислите на шест години. Кога има шест, не можете да ја замислите на 13 години. Сакав на родителите да им дадам можност да ги видат изборите што ги прават денеска од перспектива. Дали тоа што им го одобрувате на три години ќе ве прави среќни и на 13 години?“, прашува Оринстин.

Во подготовката за книгата таа зборувала со лица од маркетингот, социјални историчари, родители, психолози и лекари. Нашла дека има мето за загриженост:

„Американската асоцијација за психологија пред неколку години објави извештај дека раното претерано ставање нагласка на игрива-сексуалност може да создаде ранливост кај девојчињата во однос на прашања како изглед на телото, проблеми со јадењето, депресија и правење лош сексуален избор. Американската академија на педијатри штотуку објави предупредување до психолозите да внимаваат на пореметувања во исхраната кај девојчиња помлади од 12 години, зашто овој проблем е во пораст и често останува без дијагноза“.

Кога девојчињата се дефинираат себе си според изгледот, а не по тоа како внатрешно се чувствуваат, тоа ги става на брза лента за разочарувања, вели Оринстин.

Таа гледа моќ кај родителите да одгледаат здрави, самоуверени ќерки. Тие според неа може да обезбедат позитивни алтернативи што се спротивставуваат на влијанието на медиумите да се купи одреден производ и да се изгледа на одредн начин.

„Не е доволно да кажете – не“, вели таа. „Треба да најдете други работи што се забавни и кои ја поврзуваат вашата ќерка со тоа што е девојче, и да креирате опции за тоа како таа ќе се дефинира себе си како девојче“.

На нејзината веб-страница Пеги Оринстин дава листа на ресурси кои родителите може да ги изберат – како книги од типот на „Пипи Долга Чорапа“, во кои девојчињата самите се бранат, или филмови за хероини како дизниевата „Мулан“ и сугерира активности како јога за девојчињата да развијат позитивен имиџ за своето тело. Со сето тоа што е достапно денеска таа вели дека родителите можат да одгледаат самоуверени млади жени.

XS
SM
MD
LG