Линкови за пристапност

Хегел: Да продолжи напредокот


Земјите да продолжат да ги решаваат разликите на мирен начин, порача американскиот секретар за одбрана на трибина во Центарот Вудроу Вилсон, на прашање за спорот меѓу Македонија и Грција и членството во НАТО.

„Тоа е област во светот што разрешува тешки историски разлики. Направениот напредок во тие земји, додека на мирен начин ги разрешуваат тие разлики, не е совршен. Се работи за предизвик, се работи за тоа да продолжи напредокот, да се изградат функционални, слободни демократски институции, да се почитуваат сите граѓани, независно од вероисповедта и етничкото потекло“, рече американскиот секретар за одбрана Чак Хегел петокот на трибина во Центарот Вудроу Вилсон, на прашање на претседателот на ОМД, Методија Колоски - дали при евентуалното натамошно проширување на НАТО на Балканот, очекува дека ќе се стори нешто за решавање на старите спорови, како оној меѓу Македонија и Грција.

„Јас сум охрабрен. Треба уште да се стори, но охрабрен сум“, рече Хегел, кој директно не коментираше на спорот, но го потенцираше принципот на заеднички интерес како основа на НАТО и ЕУ.

Во уводното излагање на трибината посветена на аспектите на проширувањето на НАТО, Хегел истакна дека во контекст на ситуацијата во Украина, НАТО-сојузниците „мора да реафирмираат дека од Медитеранот до Балтикот, сојузниците се сојузници“. Тој повика сите земји-членки да ги зголемат одбранбените инвестиции во НАТО, и, подвлекувајќи го финансискиот момент, предложи на министерските средби во Брисел да учествуваат и министрите за финансии и други виши буџетски претставници.

Првиот човек на американската одбрана порача дека САД и Европа мора да соработуваат долгорочно за да ја зајакнат европската енергетска безбедност и на тој начин да одговорат на, како што рече, енергетската политика на принуда од страна на Русија. „До крајот на деценијата, Европа е во позиција да го намали увозот на гас од Русија за над 25%. Американскиот Оддел за енергија, пак, условно одобри извозни дозволи за американски гас во течна состојба во износ рамен на половина од европскиот увоз на гас од Русија“, кажа Хегел.

Давајќи историски преглед на проширувањето на НАТО, Хегел ја отфрли сугестијата дека приемот на нови членки, што започна пред 20 години, ја предизвикал руската агресија. „Наместо тоа, ја афирмираше независноста и демократскиот идентитет на новите членки. Не ја зовре кризата, ниту тогаш, ниту сега. Наместо тоа, разреши стари спорови и ја унапреди регионалната стабилност. Промовираше слобода и слободни пазари. Ја унапреди каузата на мирот. Затоа НАТО се` уште ја држи вратата отворена за аспирантите, и затоа мора да одржува партнерства со земјите ширум светот“, рече Хегел.
XS
SM
MD
LG