Гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи беше претседателски кандидат, но по прелиминарните избори во Ајова заврши на 10-то место, а во Њу Хемшир беше шести. По овие неповолни резултати, се повлече од трката.
За разлика од другите кандидати кои се откажаа од кампањата, како Џеб Буш, кој продолжи да го критикува Доналд Трамп, Кристи за кусо време, почна да го поддржува. Гувернерот се приклучи на одредени настани во рамки на кампањата на Трамп. Обајцата се пријатели преку 10 години.
Поранешниот претседател Џорџ В. Буш го назначи Кристи на позицијата федерален обвинител во 2001-та година, функција на која беше се` додека стана гувернер во 2009-та.
Како републиканец во сојузна држава која главно важи за либерална, 53-годишниот Кристи доби реноме дека соработува со легислативата за донесување на закони, предводена од демократи.
За Кристи се претпоставуваше дека ќе биде потпретседателски кандидат на Мит Ромни за време на претседателската трка во 2012-та година. Тој не беше избран, но беше еден од главните говорници на републиканската конвенција, кога Ромни и официјално ја прифати номинацијата на неговата партија.
Кристи мошне лесно ја доби трката за реизбор на функцијата во 2013-та, но истата година неговата администрација беше критикувана заради скандалот по огромниот сообраќаен метеж на мост меѓу Њу Џерси и Њујорк. Од неговиот персонал наредиле неколку ленти на мостот да се затворат, како наводна одмазда за градоначалникот на Форт Ли којшто не ја поддржал кампањата на Кристи за реизбор. Крис Кристи порекна секаква вмешаност во овој случај.