Американскиот претседател Барак Обама го увери кинескиот потпретседател Ши Џинпинг дека САД го поздравуваат подемот на Кина, но кажа дека сите земји мора да ги почитуваат економските правила и човековите права.
Обама беше домаќин на Ши во Белата куќа, каде разговараа за јакнење на соработката. Обама подвлече дека соработката меѓу двете земји, базирана на обострано почитување, е во интерес на целиот свет.
Посетата беше можност за Обама да ги покрене прашањата што предизвикуваат загриженост во односите со Кина – човековите права, немирите во Тибет и трговската нерамнотежа меѓу САД и Кина.
Обама рече дека несекојдневниот развој на Кина последниве две децении и` донел поголема моќ и просперитет, но истовремено и поголеми обврски. Според првиот човек на САД, Вашингтон се обидува да се справи со прашањата што предизвикуваат напнатост на конструктивен начин, преку соработка, како на пример за светската економска криза и иранската нуклеарна програма.
Со кинескиот државник, за кого нашироко се очекува да застане на чело на кинеската Комунистичка партија подоцна годинава, претходно се сретна и потпретседателот Џо Бајден, кој повика на надминување на разликите меѓу двете земји.
Ши во истата прилика рече дека се надева за време на посетата да се сретне со широк пресек од американското општество и да ги продлабочи пријателството меѓу двете земји преку искрена размена на мислења.