Кина ги отфрли критиките од Турција за третманот на етничките Ујгури и негираше дека во притвор починал поет и музичар од ујгурско потекло.
Редакцијата на турски јазик на Кинеското меѓународно радио на интернет објави видео снимка долга 26 секунди на која може да се види човек кој вели дека е Абдурехим Хејит и дека тој е во „добро здравје“.
„Денес е 10-ти февруари, 2019-та година. Јас сум под истрага за наводно кршење на државните закони. Јас сум во добро здравје и никогаш не сум бил малтретиран.“
Автентичноста на видеото не е независно потврдена.
Во саботата, Анкара го повика Пекинг да ги затвори објектите кои ги нарече „концентрациони логори“ во кои се притворени околу еден милион етнички Ујгури, велејќи дека тие се „голем срам за човештвото“.
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој во соопштение кажа: „Не е тајна дека повеќе од еден милион Ујгури се произволно уапсени и се подложени на тортура и политичко малтретирање во логорите и затворите“.
Изјавата од Анкара уследи по извештаите за наводната смрт на поетот и музичар од ујгурско потекло, Абдурехим Хејит кој бил притворен во еден од камповите во кинеската провинција Ксинџијанг.
Шеснаесет глобални организации за човекови права побараа меѓународна истрага за масовното притворање на Ујгурите и другите турски муслимани во кинеската провинцијата Ксинџијанг. Групите го повикаа Советот за човекови права на Обединетите нации да усвои резолуција со која ќе се воспостави меѓународна мисија за утврдување на фактите во Ксинџијанг.
Facebook Forum