Линкови за пристапност

Светска криза во рециклирањето


Кина го забрани увозот на мешана хартија, пластика, одредени метали и други видови отпад

Минатата година на рециклирање во Кина, бил испратен американски отпад вреден околу 6 милијарди долари, а потоа преработен бил вратен во САД и во други држави.

Компаниите за рециклирање ги користеа ниските цени за превоз и ги полнеа контејнерите со отпад, откако бродовите ќе го растовареа товарот на западниот брег на САД.

Денес, протокот на отпад е намален како резултат на кинеската забрана за увоз на отпад, која стапи на сила на 1-ви јануари.

Резултатот од забраната може да се забележи во објектот за рециклирање во Анахајм, Калифорнија, кој е во сопственост на „Републик сервисес“, компанија со седиште во Феникс, Аризона. На паркингот пред објектот има 2.400 бали мешани хартија, отпад што порано завршуваше во Кина.

„Вишокот е резултат на досега невидениот 12 дневен застој“, вели генералниот менаџер на објектот, Џејмс Кастро.

И не е јасно каде ќе заврши отпадот.

Кина го забрани увозот на мешана хартија, пластика, одредени метали и други видови на отпад. Пекинг во април ја прошири забраната, која треба да стапи на сила подоцна годинава, која вклучува поголем број на метали и хемиски отпад. Најавена е забрана и за други видови отпад која треба да стапи во сила на крајот на 2019-та година.

Помалку контаминиран отпад

Кина исто така наметна построги стандарди за загаденоста на отпадот, дозволувајќи само 0,5 проценти загадувачи, многу помалку отколку што имаат некои материјали кои се рециклираат сега, од 1,5 проценти.

Тоа го забави процесот на сортирање, вели Ричард Капленд, потпретседател на „Републик сервисес“ кој е задолжен за продажба во општините.

Работите дополнително се комплицираа по огромниот пад на светските цени на отпадот за рециклирање, каков што е мешаната хартија.

Пред една година, бали на несортирана хартија како оние што сега се наредени на паркингот чинеле 100 долари по тон. Денес, секој тон вреди „помалку од 5 долари или дури негативна цена на некои пазари“ вклучувајќи ги трошоците за испорака, вели Копланд. Тој вели дека голем дел од отпадот ќе заврши на депониите.

Шок околу светот“

Некои еколози ја поздравија забраната за отпад.

Лиу Хуа, од „Гринпис-Источна Азија“ вели дека ова ќе испрати „шок околу светот“ и ќе ги принуди државите да се соочат со отпадот, особено загадувањето на животната средина предизвикано од пластика.

Според експертот Џошуа Голдстајн од Универзитетот во Јужна Калифорнија, забраната ќе има општествени реперкусии во Кина.

Голдстајн кој го проучувал неформалниот сектор на рециклирање во Кина вели дека рециклирањето на отпадот го подобрил животот на многумина.

Имаше и еколошки реперкусии вели тој, „но исто така извлече 3 до 5 милиони домаќинства од сиромаштијата“.

Прочистување на отпадот

Потпретседателот во компанијата „Вејст менаџмент“ Брент Бел, вели дека неговата компанија го прочистува отпадот за да ги исполни повисоките стандарди што ги бараат Кина и другите земји.

Сепак, иако Кина се` уште прави корекции на своите политики, вели Голдстајн, целулозата од хартијата тешко се заменува. Кина можеби ќе мора да ги олабави регулативите за да ги внесе суровините што им се потребни на своите производители.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG