Линкови за пристапност

На годишнината од Тјенанмен повик Кина да се соочи со минатото


Во Кина се` до денешен ден е забранета отворена дискусија за темата, а семејствата на убиените и понатаму се соочуваат со угнетување

САД се приклучија на меѓународните повици упатени кон Пекинг за давање целосна информација за бројот на убиени, притворени или исчезнати за време на насилното сузбивање на мирните демонстрации на Плоштадот Тјенанмен на 4-ти јуни 1989-та година.

Во соопштението објавено по повод одбележувањето на 29 годишнината од крвавиот настан, државниот секретар Мајк Помпео ги повика кинеските власти да ги ослободат „оние кои биле затворени заради обидите да го одржат живо сеќавањето за Плоштадот Тјенанмен и да се стави крај на континуираното малтретирање на демонстрантите и нивните семејства.“

Во Кина се` до денешен ден е забранета отворена дискусија за темата, а семејствата на убиените и понатаму се соочуваат со угнетување. Кинеските власти велат дека протестите биле контрареволуционерни и дека одамна е постигнат јасен консензус за настанот.

Во годишната изјава посветена на трагедијата групата „Мајки од Тјананмен“ во отворено писмо го повика претседателот Ши Џинпинг „повторно да го разгледа масакрот од 4-ти јуни“ и повика на ставање крај на малтретирањето.

„Секоја година, кога ги споменуваме нашите најблиски, ние сме надгледувани, ставени под надзор или принудени да патуваме“ надвор од кинескиот главен град, се вели во писмото. Пред годишнината од настанот, групата за застапување „Хјуман рајтс“ од Кина го објави отвореното писмо од „Мајки од Тјенанмен“.

„Никој од последователните влади во текот на изминативе 29 години не прашал за нас, не беше искажано никакво извинување од никого. Исто како масакрот што го шокираше светот никогаш и да не се случил“ се вели во писмото.

Во соопштението Помпео исто така напомена дека на годишнината „се сеќаваме за трагичната загуба на невини животи“ додавајќи дека како што напишал Лиу Џиаобо во неговиот говор за добивањето на Нобеловата награда за мир во 2010-та година „духовите од 4-ти јуни се` уште не мируваат.“

Лиу не можеше да ја прими Нобелова награда за мир лично и умре во притвор минатата година. Писателот-дисидент одиграл влијателна улога во протестите и беше осуден на 11 годишна затворска казна заради поттикнување на субверзија против државната власт.

На денешната редовна прес-конференција, портпаролката на Министерството за надворешни работи, Хуа Чунинг рече дека Кина одговорила строго во врска со американското соопштение за Тјананмен.

„САД, година по година издаваат извештаи кои ја критикуваат Кина и се мешаат во внатрешните работи на државата“ рече Хуа, додавајќи дека „Државниот секретар на САД нема апсолутно никакви квалификации да бара акции од кинеската влада.“.

Комеморации за годишнината од Тјенанмен се одржаа низ целиот свет. Во Хонг Конг се очекува да се соберат десетици илјади лица. Градот е единственото место во Кина каде можат да се одржат големи јавни собири за одбележување на настанот.

Политичките лидери од Тајван ги повикаа кинеските комунистички водачи да се соочат со минатото.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG