Линкови за пристапност

Кина го отфрли повикот на САД да ги ослободи затворените од Тјенамен


Грубо мешање во внатрешните работи, реагираше официјален Пекинг на 23-тата годишнина од протестите.

Кинеското министерство за надворешни работи изрази „длабоко незадоволство“ поради американскиот повик до владата во Пекинг да ги ослободи сите лица кои се` уште се во затвор поради демонстрациите на плоштадот Тјенамен во 1989-та.

Одговарајќи на прашање на Гласот на Америка, портпарол на Министерството кажа дека барањето на Стејт департментот е грубо мешање во кинеските внатрешни работи и неосновано обвинение против кинеската влада.

Кинеската реакција дојде во исто време кога илјадници лица се собраа во Хонг Конг за да ја одбележат 23-тата годишнина од протестите и владината реакција што резултираше во крвопролевање. На 4-ти јуни 1989-та, кинеските сили, поддржани со тенкови, навлегоа на плоштадот во центарот на Пекинг за да ги задушат студентските демонстрации. Тоа предизвика осуда ширум светот. Проценките за бројот на загинати се движат од неколку стотини до неколку илјади.

Кина се` уште го смета протестот за „контрареволуционерен бунт“ и не признава кривица за начинот на кој реагираше на него. Темата е забранета во државните медиуми.
XS
SM
MD
LG