Во септември 2019 година, кинеската телекомуникациска компанија Хуавеи влезе на голема врата во Охрид. Беше договорено да обезбеди опрема за таканаречена паметна училница, како и конференциска сала за Електромашинскиот училишен центар во градот.
„Идејата беше со конференциската училница, меѓународно да се поврзуваат учениците на конференциски линк, за учење на далечина и размена на искуства со други земји“, изјави Сашо Недески, директор на Електромашинскиот училишен центар.
Овој проект во моментов е во мирување поради пандемијата на ковид-19, но, други, што, исто така, инволвираат информатика и образование, се комплетирани или се во тек.
Во 2016-та година, Македонската и Кинеската влада потпишаа договор за техничка помош во областа на образованието. Истата кинеска компанија Хуавеи се обврза да обезбеди опрема во вредност од околу 5,5 милиони долари, за вкупно 23 средни училишта во Скопје, четири факултети и неколку други институции. Редовно овозможува посета на македонски студенти од информатичко-технолошките факултети во седиштето на компанијата.
За Иван Николовски од Институтот за демократија во Скопје, ова го покажува пенетрирањето на Кина во македонскиот образовен систем.
„Ова може да се окарактеризира како некакво soft power влијание во тој дел“, вели Николовски.
Хуавеи има учествувано и во изградбата на инфраструктурата на претходните генерации мобилни мрежи во државата, 3Г и 4Г, но, изградбата на инфраструктурата за 5Г мрежата најверојатно ќе биде доверена на друг производител на опрема.
Владата на Северна Македонија во октомври 2020 година потпиша меморандум со САД, станувајќи дел од иницијативата „Чиста мрежа“, веќе поддржана од повеќе од 50 држави.
„Имајќи ги предвид предностите на безжична комуникација од 5Г генерацијата, овој меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност“, рече премиерот Зоран Заев во октомври минатата година.
Речиси сите држави од Иницијативата 17+1, која ја предводи Кина, се приклучија на истата, освен Унгарија, Црна Гора и БиХ.
Николовски вели дека претпазливоста е оправдана.
„Информациите кои би ги собирала Хуавеи, на некој свој софтвер,ако се побарани од страна на Владата, можат да бидат злоупотребени од страна на кинеската Влада“, рече тој.
Според Николовски, САД сметаат дека поради правниот поредок во Кина, кинеските компании во чии раководства има претставници на Комунистичката партија, не можат да одбијат барање за предавање на информации што кинеската Влада ќе ги побара.
Во позадина на интересот на Кина за влијание во делот на новите технологии се крие нешто друго, вели универзитескиот професор по информатика од областа на процесирање на податоци, Беким Фетаји.
„Може да се создаде ситуација во која може да се влијае на некои бизнис политики, да се направи таков избор на политика, која не би била усогласена со интересите на ЕУ. Сферата на влијание би била доста голема, а исто така и сферата на пристап до податоци кои се проблематични и за кои во последно време е обвинета Хуавеи, сајбер безбедноста на информациите и сигурноста на податоците кои се пренесуваат преку нивните широкопојасни мрежи“, вели Фетаји.
Кина негира. Нејзините дипломати при посети во регионот наводите ги нарекуваат политизирање, и инсистираат дека Кина не е небезбеден играч, туку долгогодишен партнер во развојот на дигиталната инфраструктура.
Токму затоа, аналитичарот Николовски вели дека Северна Македонија треба да биде јасна што сака од Кина.
„Ако ние играме на таа карта дека сме членка на НАТО, сакаме да станеме членка на ЕУ, се држиме цврсто до определбите на Алијансата, тогаш треба да ја прeиспитаме нашата одлука кон Кина, и да заземеме одреден став. Каква соработка сакаме, до која мера, во кои области, што ќе значи тоа за Македонија. Во моментот не гледам одлучна политика кон Кина. Гледам многу контрадикторна политика кон Кина, многу ад хок политика кон Кина“, смета Николовски.
Facebook Forum