Линкови за пристапност

Ши Џинпинг ѝ нуди готовина на Европа, но дали ЕУ ќе го омекне ставот кон Кина?


Аналитичарите оценија дека посетата на кинескиот претседател на Европа ја подобри генералната атмосфера во релациите помеѓу ЕУ и Кина, но малку е веројатно дека ќе ја промени европската реакција и зголемената контрола на кинеските компании и нивните инвестиции

Кинескиот претседател Ши Џинпинг оваа недела се сретна со лидерите на Франција и Германија и потпиша профитабилни договори во обид да се приближи до Европската унија. Аналитичарите велат дека со ваквите напори се настојува да се омекнат ограничувањата за кинеската трговија и инвестиции во Европа, но малку е веројатно дека ова патување ќе ја ослабне решителноста на ЕУ.

ЕУ нема да ја промени својата позиција за нејзините основни барања (фер и реципрочни економски врски, вклучувајќи и елиминирање на принудни технолошки трансфери и почитување на европските стандарди) и покрај големите договори постигнати за време на турнејата на претседателот Ши на континентот.
Соураб Гупта, виш научен соработник во Институтот за кинеско-американски студии во Вашингтон

За време на европската турнеја кинескиот претседател беше во посета на Италија, Монако и Франција. Но, германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер допатуваа во Париз за да се сретнат со кинескиот лидер.

Аналитичарите оценија дека посетата ја подобри генералната атмосфера во релациите помеѓу ЕУ и Кина, но малку е веројатно дека ќе има промена во европската реакција и зголемената контрола на кинеските компании и нивните инвестиции.

„ЕУ нема да ја промени својата позиција за нејзините основни барања (фер и реципрочни економски врски, вклучувајќи и елиминирање на принудни технолошки трансфери и почитување на европските стандарди) и покрај големите договори постигнати за време на турнејата на претседателот Ши на континентот“, рече Соураб Гупта, виш научен соработник во Институтот за кинеско-американски студии во Вашингтон.

За време на посетата, Ши потпиша 29 договори вредни 2,8 милијарди долари со Италија и нарача 300 авиони од Ербас вредни 34 милијарди во Франција, ист број на авиони колку што набави од Боинг за време на посетата на Пекинг од страна на американскиот претседател Доналд Трамп во 2017 година.

За возврат Италија стана прва членка на групата од седум држави кои ја потпишаа „Иницијативата појаси и патишта“ позната уште и како „Новиот пат на свилата“, и покрај критиките од Вашингтон на сметка на кинескиот проект.

„Италијанскиот официјален влез во Иницијативата појаси и патишта е убав, сјаен медал кој ќе го одржува Пекинг да биде внимателен и мотивиран да се придржува кон европските практики“, рече Гупта.

Посетата на Ши е мотивирана од опасноста од двоен притисок од САД и од ЕУ за промена на некои од внатрешните системи како што се државните субвенции и финансирањето на кинеските компании.

Многу од прашањата кои ги покренаа Брисел и Вашингтон се слични, но некои дополнителни барања од Европа му задаваат главоболка на Пекинг.

Ана Андраде, истражувачки аналитичар во европскиот тим на Единицата за разузнавање на Економист, вели дека постои јасна разлика во начинот на кој Европската унија и САД пристапуваат кон Кина.

„Барањата на ЕУ и САД кон Кина не се сосема идентични. ЕУ е многу свесна за важноста на Кина како трговски партнер“, вели таа, додавајќи: „Европа не е заинтересирана за одвојување од Кина или создавање на билатерален конфликт како што тоа го направи САД.“

Кина е најголемиот пазар за европските луксузни производи и најголем поединечен пазар за Ербас.

Барањата на ЕУ за реформи во односите со Кина се интензивираа откако САД започна агресивни трговски активности зголемувајќи ги царините за кинеските производи, што пред речиси девет месеци доведе до трговска војна.

„Стратегијата на ЕУ е свртување кон моментот за акција предизвикан од притисокот на администрацијата на Трамп врз Пекинг и ангажирање и притисок врз Кина за да направи реформи за отворање на пазарот и да дозволи фер конкурекција“, вели Гупта.

Кинеските аналитичари, сепак, тврдат дека барањата на ЕУ не се нужно дополнителен притисок врз Пекинг, а наместо тоа смеаат дека САД има големи барања поврзани со реформите.

„Ако Кина постигне договор со САД за одредени прашања, мислам дека тоа нема да се однесува само на САД, туку Кина ќе направи прилагодувања на нејзината вкупна позиција за тоа да се примени на сите земји“, вели Шен Дингли, аналитичар за меѓународни односи во Шангај. Новиот закон за странски инвестиции, кој беше одобрен од кинеската легислатива овој месец ќе се применува на сите земји, а не само на САД, нагласи тој.

И САД и ЕУ стапија во акција загрижени дека кинеската влада им овозможува на кинеските компании конкурентска предност преку субвенции, несоодветна транспарентност, лабави стандарди за заштита на трудот, животната средина и интелектуалната сопственост.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG