Линкови за пристапност

Кина стави во карантин речиси 20 милиони луѓе поради коронавирусот


Светската здравствена организација (СЗО) има состанок и денес, со цел да одлучи дали да прогласи генерална вонредна состојба

Кинеската влада стави во карантин три градови, кои се дом на речиси 20 милиони луѓе, по појавата на смртоносниот вирус, кој се прошири и надвор од нејзините граници.

Претходно властите забранија авиони и возови да излегуваат од градот Вухан, каде се верува дека првпат се појавил вирусот. Затворени беа и патишта, како и бродскиот и автобускиот сообраќај.

Слични мерки беа преземени и во околните неколку градови, а Владата ги откажа и празничните прослави во Пекинг, каде обично се собираат многу луѓе.

Вирусот досега уби најмалку 17 лица, сите во и околу Вухан, а заразени се речиси 600 други.

Според некои медиуми, кои цитираа владино официјално лице, градските власти на Вухан наредиле граѓаните да носат маски кога излегуваат надвор, а ги повикале и вработените во Владата и приватниот сектор да носат маски на работно место.

Северна Кореја, пак, привремно забрани влез на странски туристи, по ширењето на коронавирусот од соседна Кина.

Зависно од тоа колку ќе трае забраната, но, се очекува дека би можела да се одрази врз севернокорејската економија, која неодамна забележа пораст поради доаѓањето на туристи од Кина.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера свика итен состанок за тоа дали е е потребно да се прогласи генерална вонредна здравствена состојба, но, поради поделеноста на официјалните лица околу ова прашање состанокот ќе продолжи и денес.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG