Кинески суд осуди канадски државјанин на смрт, поради обвинение за трговија со дрога, откако било оценето дека 15-годишната затворска казна која му била изречена претходно била многу блага.
Одлуката е донесена денеска во североисточниот град Дајлијан против Роберт Лојд Шеленберг, кој првично беше притворен во 2014 година. Тој беше осуден на 15-годишна затворска казна, но случајот беше вратен на повторно судење поради тоа што обвинителите тврдеа дека неговата казна е премногу блага.
Шеленберг ги негираше обвиненијата, додека неговиот адвокат Жанг Донгшуо за Ројтерс изјави дека ќе биде поднесена жалба.
Одлуката, најверојатно, ќе ги влоши веќе затегнатите односи меѓу Канада и Кина поради она што изгледа како одмазднички чекор од страна на Кина откако канадските власти ја уапсија финансиската директорка на кинеската технолошка компанија Хуавеи, Менг Ванжу.
Ванжу беше уапсена во Ванкувер на 1-ви декември минатата година по налог на САД, од каде се бара нејзина екстрадиција поради наводни прекршувања на американските трговски санкции кон Иран. По ова, Кина уапси двајца канадски државјани во Кина обвинети за закани кон националната безбедност.
Во изминатите години Кина егзекутираше државјани на неколку земји, вклучувајќи ги Британија, Јапонија и Филипи, обвинети за трговија со дрога.
Facebook Forum