Линкови за пристапност

Инвестиции или заеми – како кинеските проекти на Балканот поскапуваат повеќекратно?


Кинески инвестиции во Северна Македонија речиси и да не постојат, укажуваат познавачи на состојбите. Тоа што постои се милионски кредити за проекти чија крајна сума, како што истакнуваат познавачите, расте повеќекратно од првичните износи

Неопходно е да се разграничи што се реални инвестиции, а што се заеми што треба да се вратат повеќекратно, кога станува збор за кинеското присуство на македонскиот пазар. Ова го укажуваат експерти што го анализираат растечкиот интерес на Кина за земјите од Западен Балкан.

Инвестиции или заеми – зошто кинеските проекти на Балканот поскапуваат повеќекратно?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:25 0:00

„Кога станува збор за грин-филд инвестиции, тоа на коешто кај нас најчесто се мисли кога се споменуваат инвестиции, во државава речиси и да немаме кинески инвестиции. Постоеше обид преку кинеско-турската групација ‘Вејбо’ да се отвори голема фабрика за производство на текстил. Но, нe беше успешен“, вели Ана Крстиновска, експертка за кинески политики и основачка на организацијата „Естима“ што го истражува кинеското присуство во регионот.

Според истражување на Балканската истражувачка репортерска мрежа, презентирано неодамна, Кина во македонското општество е присутна со 15 проекти. Нивната проценета вредност е околу 654,4 милиони евра. Притоа, според ова истражување, речиси 638 милиони евра се всушност заеми за автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.


„Тоа што го заклучивме е дека балканските земји веројатно се многу погодни за Кина од тој аспект. Постојат нејаснотии во законодавството, па некој проект може да се претставува како инвестиција, а тој всушност е заем од Кина“, вели новинарот Бојан Стојковски, кој се вклучил во истражувањето на БИРН за кинеското присуство на Балканот.

Според познавачите, кредитирањата што доаѓаат од кинеска страна, може да ја чинат земјата корисник многу повеќе.

„Проектите што се реализираат со кинески кредити, најчесто не се одвиваат според најдобрите практики на меѓународните финансиски организации и нормите на ЕУ, коишто сме обврзани да ги применуваме. На пример, задолжувањето не води сметка за моменталната макроекономска стабилност и за нивото на јавен долг. Поради тоа, овие кредити претставуваат сериозно оптоварување на националните буџети“, вели Крстиновска.


Дополнителен момент со кредитите е непредвидливата финална сума поради бројните анекс договори.

„Целата подготовка на техничка документација, којашто понатаму е неопходна за реализација на овие, најчесто, инфраструктурни проекти, не ѝ се посветува доволно време. Тоа понатаму води кон многу проблеми во фазата на имплементација и кон дополнителни трошоци што не се предвидени во почетната цена и во почетното задолжување на државата корисник“, објаснува Крстиновска.

Уделот на Кина, според истражувањето, се базира и на геостратешки интереси, изразени преку донации.

„Кина излезе во пресрет, достави вакцини и на еден начин успеа да го подобри својот имиџ во овие земји“, додава Стојковски.

Според познавачите, Кина како инвеститор би била од корист за развојот. Но, не по секоја цена.

„Кинеските компании најчесто се заинтересирани за инвестирање во енергетика, во експлоатација на минерални ресурси, во нови технологии. Сетоа тоа спаѓа во т.н. чувствителни сектори коишто голем дел од државите во Европа се обидуваат да ги заштитат“, посочува Крстиновска.

Според податоците на организацијата „Естима“, и меѓусебната трговија е во корист на Кина. Во 2020 година извозот натаму, во евра, бил 142 милиони. Увозот пак, на кинески стоки, ни изнесувал 523 милиони евра.

XS
SM
MD
LG