Линкови за пристапност

Американско-кинески релации: Добитници и губитници

  • Хеда Бајрон

Американско-кинески релации: Добитници и губитници

Има проценки дека кинеската економија може да ја надмине американската до 2030. Некои американски политичари и економисти тврдат дека кинескиот растеж дошол за сметка на на американски работни места и растеж. Но, додека претседателот Барак Обама и претседателот Ху Џинтао се подготвуваат да се сретнат во Вашингтон, други велат дека едната страна не мора да е губитник во борбата за економско здравје.

Економските релации меѓу САД и Кина се испреплетени со жешки прашања, како вештачкото управување со разменската вредност на јуанот и обвиненијата за пиратство на интелектуална сопственост во Кина и трговски протекционизам од двете страни.

Додека претседателот Барак Обама и кинескиот претседател Ху Џинтао се подготвуваат да се сретнат во Вашингтон, политичкиот притисок повторно расте во САД да се адресираат тие прашања. Но, растечката и поагресивна Кина може да значи поголеми несогласувања во иднина.

Јукон Хуанг, економист и експерт за Кина во фондацијата Карнеги за меѓународен мир во Вашингтон, вели дека тонот од Вашингтон во текот на годините не помогнал за олеснување на билатералните иританти.

„Пораката што доминираше во медиумите е дека се работи за однос во кој еден добива, а друг губи. За САД да добијат, Кина мора да изгуби. А тоа не котира добро во кинеската јавност“, вели Хуанг.

Кога американските политичари и економисти тврдат дека јуанот е потценет, тие бараат посилна кинеска валута да ги направи американските производи поевтини во Кина и кинеските производи поскапи во САД. Тоа, се надеваат тие, ќе го зголеми американскиот извоз во Кина и ќе го намали американскиот увоз на кинески производи.

Но, Кина се плаши дека намалување на извозот ќе значи побавен економски растеж и поголема невработеност. Пекинг вели дека промената на разменската стапка ќе биде постепена за да се избегне дестабилизирањето на економијата.

Многу кинески економисти и официјални лица мислат дека Кина треба да има растеж од осум проценти за да се задоволи растечката работна сила. Пекинг исто така го отфрла аргументот дека разменската стапка е причина за огромниот американски трговски дефицит.

Симон Тај, автор на „Азија сама: Американско-азиски релации по кризата“ и претседател на сингапурскиот Институт за меѓународни односи, вели дека билатералните односи се менуваат.

„На крајот на денот, двете страни сфаќаат дека сме стигнале до мексиканска пат-позиција, кога едната страна не може да диктира на другата. Америка секако е напред во макроекономска смисла, но не може се` да стори наеднаш и да и` нареди на Кина да прави што ќе и` се каже.Мислам дека ова е годината кога тоа треба да се свати“.

Многу економисти и азиски лидери повикуваат на економска соработка меѓу двата гиганти, за сите да просперираат. Сингапурскиот премиер Ли Ксиен Лонг порано месецов кажа дека овој однос е со најмногу последици во денешниот свет и дека двете страни мора да научат да си веруваат.

Но, и Ху и Обама имаат домашни грижи што може да му дадат тон на нивниот самит. Претседателот Ху се очекува да замине од власт следната година и Кина се обидува да се оддалечи од развојниот модел што е детерминиран од извоз, и да се приближи кон развој воден од конзумација. А претседателот Обама мора да се загрее за борбата за повторен избор следната година, со економското опоравување како негово главен фокус.

Хуанг од фондацијата Карнеги вели дека двете страни може сеуште да бидат победници:

„Во интерес на САД е кинеските развојни стапки да останат високи и стабилни. Тоа ја зголемува глобалната побарувачка и е добро за глобалната економијаи нас ни помага да се опоравиме. Пораката треба да биде дека навистина го цениме и вреднуваме растежот на Кина и дека во тој процес се надеваме дека ќе увезува повеќе од САД, за американските стапки на растеж да се зголемат, а тоа е порака каде сите се победници“.

Странски компании ја гледаат Кина како голема можност, но многу се грижат за високата стапка на крадење на интелектуална сопственост – кинеските компании се обвинети за илегално копирање на се`, од странски автомобили до лекови.

САД исто така се жалат за кинеските трговски бариери, како владина помош за одредени домашни индустрии. Пекинг вели дека нивните правила се фер и не е среќен што Вашингтон поднесе жалба до Светската трговска организација.

Кинеската валута зајакна за речиси четири проценти од минатиот јуни. Кинескиот трговски вишок за 2010 падна седум проценти на 183 милијарди долари. Некои економисти велат дека овие цифри може да ја оладат реториката пред самитот.

XS
SM
MD
LG