Линкови за пристапност

Епидемија на прекумерна тежина кај децата


Според нова студија, вишокот килограми кај децата и адолесцентите на возраст меѓу 5 и 19 години, изминативе 40 години е зголемена за десет пати

Според извештајот на Кралскиот колеџ во Лондон и Светската здравствена организација, дебелината во оваа група се зголемила од 11 милиони во 1975-та, на 124 милиони во 2016-та година. Биле анализирани висината и тежината на 130 милиони лица.

Податоците покажуваат дека бројот на деца и адолесценти со прекумерна тежина, на глобално ниво расте и тоа особено во земјите со ниски и средни приходи.

Сепак, според студијата, во 2016-та година бројот на случаи со прекумерна тежина кај оваа група на луѓе, бил највисок во Полинезија и Микронезија, а веднаш по нив, следеле и земји од англиско говорно подрачје, со високи примања, како САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Ирска и Британија. САД се први по бројот на деца и адолесценти со вакви проблеми во оваа група земји.

Ова е глобален проблем, но најдраматични промени биле регистрирани во земјите со средни примања во Источна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка, како и Латинска Америка.

Доколку актуелните трендови продолжат, авторите на извештајот предупредуваат дека до 2022-та година, нивото на глобално ниво ќе го надмине она за умерено и сериозно слаби или неухранети млади лица. Овие проблеми и натаму се акутни во Азија и во некои делови од субсахарска Африка.

Фиона Бул од Светската здравствена организација, вели дека достапни се ефективни, ефтини мерки за спречување на прекумерната тежина.

Таа додава дека децата треба да се охрабруваат да трошат помалку време на игри на интернет или гледање телевизија, а да бидат поангажирани во физичка активност и спорт. Според неа, овие деца најверојатно ќе имаат проблеми со тежината и кога ќе станат возрасни и соочуваат со ризик за предвремена смрт од болести поврзани со дебелината, вклучувајќи срцеви заболувања, дијабетес, заболување на црниот дроб, рак и мозочни удари.

Авторите на студијата потенцираат дека надлежните треба да најдат начини за достапност на поздрави и похранливи оброци во домовите и училиштата, особено за семејста и општини со пониски примања. Овде се вклучени и повисоки даноци на храната што содржи големи маснотии.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG